„Заштитата на Вилнус е заштита на Берлин“: Зошто Германија испраќа илјадници војници на границата со Русија?

Точка

02/02/2026

22:04

625

Големина на фонт

а а а

Формирањето на бригадата на Бундесверот во Литванија влезе во нова фаза на 29 јануари, кога два борбени баталјона ѝ се приклучија на бригадата, во рамки на постепеното зајакнување на германските сили во таа земја.

Според зборовите на еден генерал од Бундесверот, Германија се подготвува за можноста од руски напад во следните две години.

Во интервју за британскиот „The Times“, Џералд Функе, началникот на новоформираната Команда за поддршка на Бундесверот, објаснил како би можело да изгледа „најлошото можен сценарио“: руски напад од големи размери врз НАТО во балтичките држави.

Во тоа сценарио, Германија би ја презела централната улога на логистички јазол на НАТО, како што е предвидено со Оперативниот план Германија (OPLAN DEU).


Според пишувањето на „Wall Street Journal“, станува збор за доверлив документ од околу 1.200 страници, изработен пред повеќе од две и пол години, кој сега треба да се примени „со полна брзина“.

Во стручните кругови „OPLAN DEU“ се смета за воен нацрт за одбрана на Германија, бидејќи ги обединува клучните задачи на националната и колективната одбрана и ги поврзува со неопходните цивилни институции и одговорности.

Заштитата на Вилнус – заштита на Берлин

За време на посетата на Оперативната команда во Швиловзе, литванскиот министер за одбрана Робертас Каунас изјавил дека и тој смета оти руски напад е можен.

Истовремено предупреди дека поверојатен е помал, ограничен воен потег, чија цел би била тестирање на европската безбедносна архитектура и самата Алијанса.

Во тој контекст, минатата година во Градската куќа во Вилнус беше откриена спомен-плоча со цитат од германскиот канцелар:

„Безбедноста на Литванија е и наша безбедност. Заштитата на Вилнус значи заштита на Берлин“.


Тие зборови потекнуваат од говорот што канцеларот го одржал во мај минатата година на смотра на германската бригада стационирана во Литванија.

За да ја зајакне безбедноста на Литванија, германската влада во 2023 година донесе одлука првпат трајно да стационира борбена бригада на Бундесверот надвор од територијата на Германија – 45. оклопна бригада, позната и како „Литванска бригада“.

По средбата со литванската премиерка Инга Ругинијене во Берлин на 29 јануари, канцеларот Фридрих Мерц повторил дека Германија останува посветена на својата одговорност, оценувајќи го распоредувањето на Литванската бригада како заедничко вложување во безбедноста на Европа.

„Оваа бригада не е политички симбол, туку конкретен воен придонес за одвраќање и одбрана“, нагласил канцеларот.


Поголемиот дел од силите на бригадата ќе бидат стационирани во Руднинкај, околу 30 километри од границата со Белорусија. Покрај тоа, германската борбена група на НАТО – мултинационална единица составена од осум сојузнички земји на ротациона основа – ќе биде интегрирана во структурата на бригадата.

Таа борбена група се наоѓа во Рукла, во централна Литванија, уште една клучна точка за распоредување германски сили во балтичкиот регион.

„Барање за целосна борбена готовност“

До 2027 година, околу 4.800 војници, заедно со приближно 200 цивилни вработени, треба трајно да бидат распоредени на источното крило на НАТО во рамки на Литванската бригада, во согласност со барањето за целосна борбена способност.

Околу 500 припадници веќе се постојано присутни на терен, изјавил германскиот министер за одбрана Борис Писториус по средбата со литванскиот колега Робертас Каунас.

Тој додал дека на 29 јануари два борбени баталјона – 203. оклопен баталјон од Аугустдорф и 122. оклопно-пешадиски баталјон од Обервихтах – биле ставени под директна команда на бригадата.

Мултинационалната борбена група на НАТО во Литванија треба во февруари да биде потчинета на 45. оклопна бригада.


Со тоа бројот на припадници на бригадата што служат во Литванија ќе порасне на околу 1.800, истакнал Писториус, додавајќи:

„Се движиме според планот. Бригадата расте и се обучува на терен. 2026 ќе биде година на особено интензивна обука, со силно германско учество“.

По завршувањето на потребната цивилна и воена инфраструктура, баталјоните 203 и 122 ќе бидат трајно стационирани во Руднинкај и Рукла.

Министерот за одбрана во таа прилика ѝ се заблагодарил на Литванија „за исклучителната доверливост и решителност во изградбата на инфраструктурата за нашата бригада“.

Тој зборувал за таканаречениот Воен град Руднинкај, кој во моментов се гради во близина на белоруската граница. Новиот комплекс касарни ќе може да прими до 3.000 војници, а завршувањето на работите е планирано до крајот на 2027 година.

Кога би можела Русија да нападне?

Процената на генералот Функе дека Русија би можела да биде во состојба да ја нападне Алијансата во следните две години во голема мера се совпаѓа со Заедничката процена на закани на НАТО.

Таа процена се темели на разузнавачки податоци за руското производство на вооружување, како и за нејзината способност да регрутира и да одржува воени сили.


Според процените на НАТО, Москва до 2028 или 2029 година би можела да располага со војска од околу 1,5 милиони луѓе.

Генералниот инспектор на Бундесвер, Карстен Бројер, нагласил дека тоа не значи дека Русија нужно ќе нападне, туку дека би можела да биде способна за таков напад.

За одбранбените способности што побрзо да се зајакнат и да се постигне, како што наведува владата, „воена подготвеност“, германските буџетски планови предвидуваат зголемување на издвојувањата за одбрана на речиси 153 милијарди евра до 2029 година.