Макрон: Во тек се технички подготовки за директни разговори меѓу Европа и Русија

Макфакс

03/02/2026

15:59

204

Големина на фонт

а а а

Францускиот претседател Емануел Макрон денес изјави дека се во тек подготвителни работи за повторно воспоставување директни разговори меѓу Европа и Русија за војната во Украина, додавајќи дека е важно Европејците да ги обноват своите комуникациски канали, но дека Русија не покажува подготвеност да постигне мировен договор со продолжување на бомбардирањето на Украина.

„Мора да биде подготвена, затоа се во тек технички разговори за да се овозможи тоа“, рече Макрон како одговор на новинарско прашање за неговиот повик од декември за обновување на преговорите со рускиот претседател Владимир Путин, пишува бриселски „Политико“.

Макрон истакна дека е важно Европејците да ги обноват своите канали за комуникација со Русија, нагласувајќи дека подготовките се одвиваат на техничко ниво.

Тој додаде дека сите разговори со Путин мора да бидат координирани со претседателот на Украина Володимир Зеленски и неговите „клучни европски колеги“, нагласувајќи ја улогата на таканаречената „Коалиција на волјата“, која ги собира земјите што ја поддржуваат Украина.

Францускиот претседател, сепак, оцени дека со продолжувањето на бомбардирањето на Украина, Русија не покажува подготвеност за постигнување мировен договор.

„Пред се, денес продолжуваме да ја поддржуваме Украина, која е под бомби, на студ, со руски напади врз цивили и украинска енергетска инфраструктура, што е неприфатливо и не покажува вистинска волја за мировни преговори“, рече Макрон, според Танјуг.