Камелија Кулакова за загубата на својата ќерка Фросина: „Во еден миг си мајка што живее за своето дете, а во следниот си мајка што учи како да дише без него“

Точка

03/02/2026

20:58

1.156

Големина на фонт

а а а

Загубата на дете не е трагедија што се преживува и остава зад себе, туку длабок внатрешен раздор — распаѓање на идентитетот и болна изградба на ново „јас“, создадено од љубов, сеќавања и постојана тага.

Во длабокото, исклучително емотивно и потресно интервју за „Женски магазин“, мајката на младата дизајнерка Фросина Кулакова, која пред една година трагично го загуби животот откако беше прегазена на булеварот „Партизански одреди“, зборува за болката што не поминува, за тишината што останува и за празнината што ништо не може да ја исполни.

Таа отворено говори за мајчинството кое не завршува со смртта на детето, за секојдневната борба со загубата и за начинот на кој најдлабоката болка ја претворила во лична мисија. 


„Губењето на дете не е настан.Тоа е распаѓање на идентитетот. Распад на телото одвнатре. Распад на смислата. Во еден миг си мајка што живее за своето дете, а во следниот си мајка што учи како да дише без него. Не постои „пат“. Постојат само денови на преживување, часови на немоќ, секунди на тишина што те гуши. Во мене мајчинството не исчезна. Напротив, стана уште посилно.

Јас не продолжив без неа. Јас продолжив со неа.

Секој здив боли, но токму таа болка ме држи исправена.

Телото стои, затоа што љубовта стои. Срцето чука, затоа што љубовта чука. И во таа сурова состојба, во таа тишина што крши, се роди нешто што не беше одлука, туку нужност: ако не можев да го спасам моето дете, морам да направам сè што можам за да не згасне уште нечиј живот.


Така болката стана смисла. Тагата стана завет. Љубовта стана мисија. Фондацијата не е организација.

Таа е форма на мајчинство што одбива да умре“, вели Камелија.

За ќерката Фросина вели дека не ги гледала луѓето површно – таа била создадена од љубов и емпатија, имала природна човечност, длабока чувствителност и морална чистота.

„Во неа живееја добрина без услови,правда без страв,љубов без интерес,грижа без очекување. Таа беше искра од љубов и создавање.


Дете што од убавината правеше јазик на душата. Овие вредности не исчезнаа со неа. Тие се темелот на Фондацијата. Тие се нејзиниот морален код. И мојот завет“.

Фросина била ведро, насмеано и палаво дете кое сите ги поддржувало и обединувало.

„Иако најмлада, таа беше најсилната енергија меѓу нас.

Толку непосредна и ведра, а во исто време длабока и мудра како стара душа. Фросина не беше само дете.

Таа беше врска. Таа беше јадро. Таа беше дом“.


Камелија во интервјуто зборувала за нејзините соништа и желби. Вели дека се подготвувала да отвори свое модно ателје и сонувала, но и напорно работела.

„Таа беше уметност во движење. Кога креираше, тоа го правеше во еден здив. Преку ноќ создаваше 20-30 силуети, кои потоа ги збогатуваше со смисла, порака, емоција.

Се подготвуваше да отвори свое модно ателје. Сè беше осмислено: ентериерот, логото, брендот, етикетите - до најситен детаљ. Сонуваше, но и многу напорно работеше.



Ми велеше: „Мамо, единствено се плашам да не продолжам да ти бидам товар. Сакам да заработувам. Сакам да ви вратам за сè што правевте за мене и многу повеќе“. Нејзините соништа беа и наши соништа“.

Целосното интервју прочитајте го на следниот линк.

Со донаторската вечер „Конци на светлината“ (Threads of Light), која се одржа на 29-ти јануари, официјално беше одбележан почетокот на работата на Фондацијата „Фросина Кулакова“. Фондацијата има за цел личната загуба да ја претвори во јавна мисија што гради култура на грижа, одговорност и општествена свесност, користејќи ја уметноста како универзален јазик за сеќавање и промена.