Македонски мозочни примероци биле дел од големо меѓународно научно истражување предводено од Универзитетот „Колумбија“, насочено кон проучување на самоубиства, шизофренија и други психијатриски нарушувања. Проектот повторно дојде во фокусот на јавноста по објавувањето на документи поврзани со случајот на Џефри Епстин, во кои се споменува и Македонија. Сепак, според поранешниот директор на Институтот за судска медицина во Скопје, Алексеј Дума, целата соработка се одвивала целосно легално и транспарентно.
Во најновиот пакет документи објавени од американското Министерство за правда, кои се однесуваат на мрежата контакти и активности поврзани со Епстин, се наведува електронска преписка во која се спомнува новинарско истражување на „Блумберг Бизнисвик“. Во тој контекст, како една од земјите кои придонеле со биолошки материјал за истражувачки проект, се појавува и Македонија.
Истражувањето опфатило создавање на обемна банка од човечки мозоци, со околу илјада примероци од повеќе држави. Дел од примероците биле од лица кои починале по самоубиство, а дел служеле како контролни случаи. Според достапните податоци, мозоците биле земани веднаш по смртта, замрзнувани и транспортирани во строго контролирани услови до лаборатории во САД, каде што биле архивирани и дигитално евидентирани.
Алексеј Дума за Дојче веле појаснува дека македонскиот придонес бил релативно мал во однос на целокупната колекција. Од Македонија, на годишно ниво, биле испраќани меѓу 10 и 15 примероци, во рамки на строго дефинирани протоколи. Секој поединечен случај морал да добие одобрение од етичките комисии во Македонија и во САД, а транспортот се одвивал со целосна документација и царинска контрола.

„Ниту еден примерок не можеше да ја напушти земјата или да влезе во САД без сите потребни дозволи. Сè се одвиваше по правила, со авионски транспорт и под постојан надзор“, вели Дума, категорично отфрлајќи каква било можност за финансиска корист или нерегуларности.
Тој додава дека бројката од илјада мозоци која се споменува во документите не се однесува на Македонија, туку на целата меѓународна колекција. Со оглед на тоа што годишно на Институтот се вршеле неколку стотици обдукции, само мал дел од нив се однесувале на случаи релевантни за истражувањето, што ја објаснува и ограничената бројка на испратени примероци.

Во научните публикации како клучна фигура во соработката меѓу Универзитетот „Колумбија“ и македонските институции се наведува професорот Горазд Росоклија. Тој бил главната врска меѓу двете страни, учествувал во организацијата на административните процедури и во координацијата на извозот на биолошки материјал. Документ објавен во 2014 година сведочи за повеќедецениска соработка што започнала уште во средината на деведесеттите години, со фокус на проучување на мозочните промени поврзани со шизофренијата и самоубиствата.
Покрај истражувачката работа, Росоклија во изминатите години најавуваше и иницијативи за развој на современа научна инфраструктура во Македонија, вклучително и центар за електронска микроскопија, финансиран од американскиот Национален институт за здравје, кој требало да овозможи напредни анализи на мозочно ткиво.

Од денешна перспектива, Дума оценува дека проектот донел значајни научни придобивки. Истражувањата овозможиле подобро разбирање на морфолошките промени во мозокот кај одредени психијатриски состојби и нивната поврзаност со ризично однесување. Резултатите биле користени во низа меѓународни студии, а Македонија, покрај научниот придонес, добила и опрема, лабораториски капацитети и можности за усовршување на млади истражувачи.
Иако повторното отворање на темата предизвика јавен интерес поради контекстот во кој се појави, од вклучените во проектот порачуваат дека станува збор за стандардна научна соработка, спроведена во рамки на законите и етичките норми што важеле во тој период.















