Орбан договорил евтин гас со Трамп, Путин и Ердоган

Макфакс

30/01/2026

17:46

200

Големина на фонт

а а а

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека без интервенција на владата, сметките на домаќинствата би пораснале за околу 30 отсто поради екстремно студеното време. Во редовното интервју за радиото „Кошут“, тој рече дека постигнал договор со Доналд Трамп, Владимир Путин и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за понатамошно снабдување на Унгарија со евтин гас.

Орбан изјави дека на изборите во април ќе се одлучува за опстанокот на намалените цени на енергенсите, кои, како што рече, „Брисел сака да ги уништи“. Според него, за тоа е неопходен рускиот гас, поради што Унгарија има година и пол да ја „заобиколи“ забраната на Европската унија.

Европската унија неделава усвои уредба со која постепено се укинува увозот на природен гас од Русија, при што целосната забрана за увоз на течен природен гас стапува на сила на почетокот на 2027 година, а за гасоводниот увоз од есента истата година. Орбан изјави дека доколку тоа не се случи, домаќинствата ќе се најдат „во хаос“, додавајќи дека одлуката на ЕУ има за цел поддршка на Украина.

Во однос на Украина, Орбан оцени дека таа „не ја зајакнува, туку ја ослабува Европа“. Тој смета дека во Брисел се води битка што мора да се добие и дека, како што рече, како што била добиена битката за миграцијата, така може да се добие и битката за членството на Украина во ЕУ.