Се создава ли „исламски НАТО“?

Точка

29/01/2026

21:46

997

Големина на фонт

а а а

Минатата недела саудискиот министер за надворешни работи, принцот Фајсал бин Фархан, се сретна со својот египетски колега Бадр Абделати на маргините на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, за да разговараат за „низа прашања од заемен интерес“, соопшти саудиското Министерство за надворешни работи.

Многу е веројатно дека не разговарале само за поканата од американскиот претседател Доналд Трамп да се приклучат на неговиот Одбор за мир, која двајцата веќе ја прифатиле, туку и за деталите околу новиот одбранбен пакт меѓу нивните држави.


Покрај тоа, наводно, сомалискиот претседател Хасан Шеик Мохамуд наскоро ќе отпатува во Саудиска Арабија за да потпише одбранбен договор со Ријад.

Доколку Сомалија биде вклучена во договорот меѓу Ријад и Каиро, трилатералниот пакт би го засилил саудиското и египетското влијание на африканската страна од клучната пловна рута — теснецот Баб ел-Мандеб, кој го поврзува Црвеното Море со Аденскиот Залив и Индискиот Океан, пишува Дојче Веле.

„Исламски НАТО“?

„Блумберг“ исто така објави дека Турција од минатиот септември сè повеќе е заинтересирана да ѝ се приклучи на постојната „Спогодба за стратешка заемна одбрана“ меѓу Саудиска Арабија и Пакистан.

По потпишувањето, овој трилатерален договор — кој некои го нарекуваат „исламски НАТО“ — би ја комбинирал пакистанската нуклеарна моќ со саудискиот капитал и турската воена сила.

„Ова не би бил симболичен блок“, напиша во јануари, во текст за „The Times of Israel“, Серџо Рестели, италијанскиот политички советник, автор и геополитички експерт.


„Би ги обединил нуклеарните способности, контролата врз стратешките пловни патишта, експедициските сили и идеолошкото влијание“, напиша тој, истакнувајќи дека „овие капацитети заедно би создале трансрегионална безбедносна оска што се протега од источниот Медитеран преку Црвеното Море до Индискиот Океан. Таков географски континуитет е без преседан меѓу државите со муслиманско мнозинство и неизбежно би ја довел во прашање сегашната рамнотежа што ја одржуваат американските сојузи и неформалното регионално одвраќање“, смета Рестели.

Но, според Сами Хамди, генерален директор на лондонската компанија за управување со ризици и разузнавачки податоци „The International Interest“, основната динамика зад најновите саудиски настојувања за склучување одбранбени договори е повеќе поврзана со повлекувањето на американскиот безбедносен „чадор“.

„Во регионот се шири мислењето дека на САД веќе не може да се смета кога станува збор за одбраната на безбедноста“, изјавил Хамди за ДВ. Тој потсетил на 2019 година, кога САД не реагирале по нападот на Хутите врз саудиските нафтени постројки, како и на септември 2025 година, кога Израел – најблискиот американски сојузник во регионот – го нападнал политичкото раководство на Хамас во главниот град на Катар, Доха.

Геополитички расколи

Тензиите меѓу Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) растат поради нивната поддршка на спротивставени фракции во Судан и Јемен. Во декември, Саудиска Арабија започна воздушни напади врз воен камп на Јужниот преоден совет, кој е поддржан од ОАЕ, во јеменската покраина Хадрамаут.

Порано овој месец, Ријад наводно ѝ понудил на суданската армија пакистанско-судански договор за вооружување во војната против паравоените формации под името „Rapid Support Forces“. Наводно, тие се снабдувани од ОАЕ, што Абу Даби го демантира.


Во меѓувреме, стремежот кон нови договори не е ограничен само на Саудиска Арабија. Неодамна ОАЕ потпиша сеопфатен договор со ривалот на Пакистан – Индија – кој ја прави Индија не само најголем купувач на течен природен гас од Абу Даби, туку и негов најблизок партнер за нуклеарна соработка.

„Мислам дека договорот меѓу ОАЕ и Индија не е само за воена технологија, туку е и политичка изјава“, истакнал Хамди. „Со оглед на конфликтот меѓу Саудиска Арабија и ОАЕ, ОАЕ се обидува да покаже сила кон Саудиска Арабија – во смисла дека и натаму ужива меѓународен углед, иако Саудиска Арабија можеби е географски поголема сила“, додал Хамди.


„Нема вистински раздор“

И покрај овие различни насоки и спротивставени интереси, Чинција Бјанко, експертка за земјите од Заливот при Европскиот совет за надворешни односи, рекла дека во оваа фаза е тешко да се замислат сериозни линии на раздор меѓу Ријад и Абу Даби.

„И Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија се во Трамповиот „Одбор за мир“, нагласила таа. Турција, потенцијален нов безбедносен партнер на Саудиска Арабија, исто така останува тесно поврзана со ОАЕ.


Иако ОАЕ е близок сојузник на САД и домаќин на неколку американски воени бази, врските меѓу САД и Саудиска Арабија дополнително се зајакнати со неколку важни договори најавени за време на меѓусебните државни посети на Трамп и де факто лидерот на Саудиска Арабија, престолонаследникот принцот Мохамед бин Салман.

Со оглед на сето тоа, потенцијалното влијание на новите одбранбени договори ќе биде донекаде ограничено.

„Идејата за исламски НАТО е малку претерана“, нагласил Хамди. Според него и понатаму е точно дека поединечните сили имаат многу идеолошки разлики и различни интереси. „Но договорите, всушност, повеќе се поврзани со трансфер на технологија и обид да се постигне некаква автономија“, заклучил тој.