Кристи Ноем, министерката за внатрешна безбедност на Доналд Трамп, во последните месеци се најде во центарот на вниманието поради својата улога во Службата за имиграција и царина („ICE“). Шефицата на „ICE“, или „ICE барбика“, како што популарно ја нарекуваат, прва се појавува пред камерите кога акциите на агенцијата ќе предизвикаат скандал – што во последно време станува сè почеста појава.
Таа предизвика контроверзи со својата изјава за убиството на Рене Никол Гуд, која на 7 јануари беше усмртена од агент на „ICE“. За нејзината смрт изјави дека станува збор за „чин на домашен тероризам“, а според нејзините зборови, жртвата го искористила своето возило како оружје и се обидела да прегази агент. За агентот кој ја уби Рене, Џонатан Рос, рече дека ја користел својата обука за да го спаси својот живот и животите на своите колеги.
Истиот израз, „домашен тероризам“, го употреби и за убиството на Алекс Прети на 24 јануари. Наведе дека жртвата имала намера да нанесе „максимална штета“ и да убие полицајци за време на операцијата, бидејќи на местото на настанот дошла со оружје и муниција.

Во јавноста се проширија снимки кои покажуваат значајни противречности во нејзините изјави, поради што Ноем се најде на удар на критики.
Откако дојде на позицијата министерка, Ноем веќе нанижи неколку скандали и контроверзии, а внимание привлече и со својата значајна трансформација на изгледот, која многумина ја нарекуваат „републикански makeover“.
Помладата Ноем е прилично тешко препознатлива, а најинтензивната трансформација ја доживеала кога му се приклучила на Доналд Трамп.

Како што сметаат многумина, министерката станала жртва на „Mar-a-Lago“ лицето – тренд на пластична хирургија на кој му се приклучиле бројни блиски соработници на Доналд Трамп. Иако Ноем јавно не зборувала за естетски зафати, нејзиното лице се смета за класичен пример на оваа естетика – полни усни, големи трепки, затегната кожа, исфенирана коса и, според мислењето на многумина, интервенции што се очигледни.
Кога станува збор за Ноем, многумина се согласуваат дека, независно од тоа дали имала или немала естетски зафати, нејзината трансформација совршено се вклопува во овој опис. Додека својата политичка кариера ја започнала со целосно природен изглед, имала пократка коса, не носела вештачки трепки и користела минимална шминка. Меѓутоа, откако ѝ се отворила можност да влезе во потесниот круг на Трамп, Ноем целосно се променила.

Кога го започнала својот втор мандат како гувернерка на Јужна Дакота во 2022 година, нејзините претходни природни црти на лицето почнале да се менуваат. Исто така, својата кратка коса ја заменила со екстензии кои биле професионално стилизирани. Шминката ѝ станала понагласена и почнала да користи потемни сенки и кармини. Иако на многумина им изгледало дека тоа се единствените промени во нејзиниот изглед, експертите сметале дека денешната министерка почнала да користи филери во образите и усните.
До 2024 година Ноем не зборувала за естетски зафати, но потврдила дека направила нови заби. Во наредните месеци се појавиле шпекулации за тоа дали Ноем користи нешто повеќе од филери и можен ботокс за да изгледа што помладо. Експертите претходно изјавиле дека постои можност да направила и потрајни зафати, како подигнување на лицето или затегнување на кожата, пренесува „Jutarnji“.

Откако се најде во блискиот круг на соработници и колеги на Трамп, многумина забележале дека изгледа слично на другите жени во неговото опкружување, поради што и настанал називот „Mar-a-Lago лице“.
„Нејзините естетски избори многу добро се вклопуваат во ветувањето на администрацијата дека масовните депортации ќе ги подигне на невидено ниво. Тоа им е приоритет, а лицето на тој приоритет за Трамп е многу важно. Мислам дека постои причина зошто тоа не е Стивен Милер. Трамп ѝ рекол на Ноем експлицитно: ’Го сакам твоето лице во рекламите.‘ Таа помина низ драматична трансформација од времето кога беше гувернерка на Јужна Дакота до тоа како изгледа денес. Во суштина, таа е жена со изглед кој е длабоко вкоренет во конзервативните, традиционални идеи за тоа како една жена треба да изгледа: долга, распуштена коса, силна шминка, прилепен фустан – но истовремено носи бејзбол капа и спроведува неверојатно остра и агресивна политика. Таа наводна контрадикција е намерна. Нејзиниот изглед, исто така, обезбедува покритие за бруталните политики што се спроведуваат низ целата земја“, навела писателката Ина О, пренесува „The Meteor“.
Освен експертите, трансформацијата на Кристи Ноем ја коментирале и корисници на мрежата „X“, кои ги споделувале нејзините фотографии некогаш и денес. „Што се случи со лицето на Кристи Ноем?“, „Некогаш убава, денес чудна. Тоа е стандардот за привлечна жена во ’MAGA‘ светот, не е важно дали имате сериозна функција или не – сите изгледаат исто“, пишувале некои.





















