Рекордно вооружување на европска војска: Од камиказе-дронови до Ф-35, трошат милијарди

Точка

30/01/2026

23:10

493

Големина на фонт

а а а

Германија троши рекордни суми за вооружување. Бундесверот во голем стил нарачува ново оружје и опрема. Еве неколку конкретни примери.

Германската армија (Бундесвер) годинава располага со повеќе од 108 милијарди евра – огромна, досега невидена сума. Тоа се финансира од тековниот сојузен буџет и од посебни фондови за кои државата се задолжува.

Со тие пари Бундесверот, на кој со децении се штедело, треба повторно да стане борбено способен. Тоа треба да се случи што е можно побрзо, бидејќи сојузната влада стравува дека Русија веќе во 2029 година би можела да биде способна да изведе напад врз територијата на земјите членки на НАТО, пишува Дојче Веле.

Што купува Бундесверот за тие милијарди? И колку добро функционира брзото вооружување?


Првпат борбени беспилотни летала за Бундесверот

Долго време немаше политичко мнозинство за набавка на борбени беспилотни летала. Но војната во Украина, во која беспилотните летала се одлучувачки фактор, доведе до промена на размислувањето во Германија. Првпат во својата историја, Бундесверот годинава нарачува неколку илјади борбени беспилотни летала.

При нарачката предност добиле млади технолошки компании: стартапите „Stark Defence“ од Берлин и „Helsing“ од Минхен би требало секој да добие нарачка вредна до 300 милиони евра. Прототипите на конкурентот „Rheinmetall“ не ги убедиле надлежните во Бундесверот.


Се купуваат камиказе-дронови, во стручниот жаргон наречени „loitering munition“ (лутачка/кружечка муниција). Дроновите опремени со боева глава се устремуваат кон целта и при тоа самите се уништуваат. Меѓу другото, со нив треба да биде опремена и бригадата на Бундесверот во Литванија, која се формира за подобра заштита на источното крило на НАТО.

Противдронска одбрана и ласерско оружје

Бундесверот има недостатоци и во одбраната од дронови. Тоа треба да се реши со комбинирање на различни одбранбени средства. Спектарот се движи од уреди за електронско попречување, па сè до противвоздушното оклопно возило „Skyranger 30“, кое може да сузбива и роеви дронови, пишува Дојче Веле.

„Skyranger“, кој го произведува концернот „Rheinmetall“ е особено важен бидејќи има сè повеќе летови на сомнителни дронови над Германија, па и над објекти на Бундесверот. Но, тој може да биде испорачан дури во 2028 година. „Skyranger“ ќе стане главниот вооружен систем на новоформираната противвоздушна единица на копнената војска. Таа единица била распуштена во 2012 година, бидејќи се сметало дека повеќе не е потребна.


За одбрана од дронови е предвидено и ново ласерско оружје. Тоа е пред сè важно за морнарицата. Имено, бродовите имаат ограничени капацитети за складирање муниција, а ласерското оружје бара само електрична енергија. Едно такво ласерско оружје за одбрана од дронови, кое го развиле компаниите „Rheinmetall“ и „MBDA“, веќе ја поминало фазата на тестирање во морнарицата. Сега исто така се наоѓа и на списокот за набавки на Бундесверот.

Нарачки и од американски производители

Иако Бундесверот најголемиот дел од новата опрема ја купува од германски и европски производители на вооружување, одредени големи договори се склучуваат и со американски концерни. Таков на пример е договорот за „невидливиот“ борбен авион Ф-35A, кој се смета за најсовремен борбен авион во светот. Германската влада нарачала 35 вакви авиони од американскиот одбранбен гигант „Lockheed Martin“. Трошокот на целиот пакет, вклучувајќи вооружување и резервни делови, изнесува речиси 10 милијарди евра.

Една од причините за изборот е што Ф-35, во случај на потреба, може да биде опремен со американски нуклеарни бомби. Досега таа улога ја имале авионите Торнадо на Бундесверот, кои поради старост наскоро ќе бидат повлечени од употреба. Така, германската флота Ф-35 станува дел од нуклеарниот „чадор“ на НАТО над Европа.


Покрај тоа, Бундесверот купува и 60 тешки транспортни хеликоптери „CH-47 Chinook“ од американскиот концерн „Boeing“. Во Европа, велат експертите, не постои конкурентски производ со такви способности. Цената е 7,3 милијарди евра.

Од „Boeing“ доаѓа и поморскиот извидувачки авион „P-8A Poseidon“, кој благодарение на најсовремена сензорска технологија може да надгледува големи морски подрачја и да открива подморници. Првиот примерок наесен ѝ бил испорачан на германската морнарица. Според министерот за одбрана Борис Писториус (СПД), овој авион би можел да биде германски придонес за подобар надзор на водите околу Гренланд во рамки на НАТО-мисија.

Новост за Бундесверот: проект „Uranos KI“

Современите вооружени системи веќе не можат да се замислат без вештачка интелигенција (ВИ). Колку расте нејзината важност покажува проектот „Uranos KI“, со кој ќе биде опремена бригадата на Бундесверот во Литванија.

На источното крило на НАТО треба прецизно да се надгледуваат големи подрачја – и тука на сцена стапува вештачаката интелигенција. Таа треба да помага во анализата на големи количини податоци собрани од различни сензори. Тоа, на пример, би можело да го олесни откривањето непријателски дронови. Деталите за проектот Министерството за одбрана со добра причина ги чува во тајност.


„Фрегатата Ф126“: од престижен проект до проблем

Случајот со фрегатата Ф126 покажува дека не сите скапи и големи проекти секогаш лесно се спроедуваат. Откако со воодушевување беше поздравен нацртот на најголемиот борбен брод на морнарицата, при изградбата бргу настапи разочарување. Главниот изведувач, холандското бродоградилиште „Damen Naval“, не успеал да ги реализира плановите. Според медиумски извештаи, во Ф126 веќе биле вложени околу 1,8 милијарди евра. Проектот би можел да стане „гробница за милијарди“, стравуваат опозициските политичари.

Сега германската компанија „Naval Vessels Lürssen“ (NVL) треба да го преземе проектот и да го спаси она што може да се спаси. Но, бидејќи морнарицата поради обврските во НАТО итно има потреба од нови фрегати, се планира преодно решение. Бундесверот сака дополнително да купи фрегати од типот „MEKO A-200“ од „ТКМС“, најголемиот германски производител на воени бродови. Бидејќи овој модел веќе се градел за извоз, плановите се подготвени. Но и ова „преодно решение“ секако дополнително чини – Бундестагот за тоа уште минатата година одобрил дополнителни 7,8 милијарди евра.


Нови униформи за идните војници

И за нови униформи и лична опрема Бундестагот кон крајот на минатата година одобрил висок износ – и тоа за вкупно 460.000 војници. Критичарите го поставија прашањето околу претераноста на износот, бидејќи Бундесверот моментално има само околу 184.000 припадници. Но бројот на војници треба значително да порасне – вклучувајќи ја и резервата, на 460.000 мажи и жени.

Тоа може да трае со години, но униформите тогаш во секој случај ќе бидат достапни во доволен број. Кога новите војници ќе стапат во служба, „не можеме да ги облекуваме во тренерки“, објаснил министерот за одбрана Борис Писториус.