Мишел го критикува Руте: Престани да бидеш американски агент и обедини го НАТО

Макфакс

30/01/2026

10:27

184

Големина на фонт

а а а

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, треба да престане да биде „американски агент“ и да го обедини расцепканиот воен сојуз кој се соочува со „непријателска реторика“ и „заплашување“ од САД, изјави за „Еуроњуз“ поранешниот претседател на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Мишел, кој го водеше Советот пет години до 2024 година, во утринската емисија „Europe Today“ во петокот изјави дека Руте го разочарува и дека ја губи довербата во него, објави „Еуроњуз“.

„Сакам да бидам јасен, Марк Руте е разочарување и јас ја губам довербата“, рече Мишел. „Не очекувам Марк Руте да биде американски агент. Очекувам Марк да работи за единство во рамките на НАТО“, додаде тој.

Руте, кој го нарече американскиот претседател Доналд Трамп „татко“ на НАТО, стекна репутација дека е некој што знае како со Трамп. Тој, исто така, му даде можност на Трамп да се повлече од неговите неодамнешни закани за започнување трговска војна со европските земји околу Гренланд.

Мишел изјави за „Еуроњуз“ дека „ласкавата дипломатија“ на Руте нема да функционира“ и може да доведе до „целосен неуспех“.

„Се соочуваме со заплашување, се соочуваме со закани. Она што се случува со Гренланд не е прифатливо и очекувам Марк Руте да биде силен глас во одбраната на единството во рамките на НАТО“, рече тој.

Тој додаде дека ЕУ е „многу лојален партнер“ на САД и дека „не го заслужува“ неодамнешното „однесување“ на Трамп, осврнувајќи се на заканите на американскиот претседател за Гренланд, неговите обиди да го „легитимира“ рускиот претседател Владимир Путин и санкциите против поранешните функционери на ЕУ.

Американската администрација неодамна воведе санкции врз Тиери Бретон, поранешен француски европски комесар, кој беше задолжен за изготвување на дигитални регулативи на ЕУ.

Мишел, исто така, се осврна на преговорите за иден мировен договор за Украина, велејќи дека лидери како францускиот претседател Макрон и италијанскиот премиер Мелони се „во право“ што бараат директна средба со Путин.

„Треба да бидеме на преговарачката маса, а денес не сме. Тоа е многу тажно, дури и малку шокантно“, рече тој. „Кој ги брани европските интереси на масата? Не САД, не Русија.“

Тој го предложи својот наследник, Антонио Коста, како можен претставник за преговорите, наведувајќи дека има „легитимитет“ да зборува во име на 27-те лидери на ЕУ.

Кога беше прашан за целта на украинскиот претседател Володимир Зеленски неговата земја да се приклучи на ЕУ до 2027 година како дел од мировниот план, Мишел рече: „Апсолутно е правилно и е можно“, повикувајќи го Киев да се интегрира во европскиот блок „што е можно побрзо“.