Опасни играчки купени онлајн: За 5 дена две деца во Хрватска останаа со трајно оштетен вид

Точка

28/01/2026

21:23

489

Големина на фонт

а а а

Во период од само пет дена, две деца на возраст од 12 и 13 години претрпеле неповратно оштетување на видот поради играње со ласерски уреди добиени на подарок.

Во двата случаи, силниот ласерски зрак предизвикал трајно разорување на нервното ткиво на мрежницата, оставајќи ги децата со видна функција само на едното око до крајот на животот.

Ласерските уреди биле купени преку интернет, а биле означени со спецификација која не одговарала на ниту една важечка меѓународна класификација на ласери, пренесе „Jutarnji list“.


„Првиот случај беше евидентиран за време на неделно дежурство. Детето беше примено на офталмолошки преглед со јасно изразено оштетување на мрежницата настанато од дејството на силен извор на светлина. Механизмот на повредата беше поврзан со употреба на ласерски уред што детето го добило како роденденски подарок. Ласерот беше купен преку интернет и беше означен со спецификација која не одговараше на ниту една важечка меѓународна класификација на ласери. Таквата ознака не дава никаква релевантна информација за реалниот степен на ризик. Во техничката документација на уредот беше наведена излезна моќност од 100 mW. Станува збор за ниво на моќност кое повеќекратно ги надминува безбедносните прагови за директна изложеност на окото. Таква моќност на ласер во медицинската пракса се користи исклучиво во контролирани услови, со јасно дефинирани индикации, со цел намерно да се предизвика термичко оштетување на мрежницата и да се создадат лузни на точно одредени, патолошки изменети делови од окото“, нагласила проф. д-р офталмолог, Мирјана Бјелош.

Значи, станува збор за моќност што во медицината се користи исклучиво под строг надзор за намерно „спалување“ на болно ткиво.


Вториот случај е евидентиран во четврток, пет дена подоцна. Се наведува дека „детето било прегледано поради видни пречки што се развиле по изложеност на интензивен светлосен стимул од ласер, кој детето исто така го добило на подарок. Со офталмолошки преглед биле утврдени ретинални промени што упатуваат на фототрауматско оштетување. Станува збор за трајно оштетување на нервното ткиво на мрежницата, без можност за регенерација или опоравување на изгубената видна функција“.

Бјелош предупредила дека мрежницата кај детето нема способност за регенерација, а оштетувањата настанати во оваа фаза од развојот имаат трајни последици што го надминуваат медицинскиот аспект и го ограничуваат образованието на детето, идната професија и квалитетот на живот.

„Во тој контекст, потребно е да се осврнеме и на современите форми на забава, како т.н. laser tag игралишта. Станува збор за активности што се рекламираат како безбедни, технолошки напредни и приспособени за деца, при што често се истакнува дека за учество не е потребна заштитна опрема бидејќи наводно не се работи за опасни ласери. Меѓутоа, веќе самиот факт дека технологијата се темели на насочени светлосни извори кои се нарекуваат „ласерски“ бара претпазливост, особено во средина во која децата трчаат, паѓаат, се вртат и можат да бидат изложени на директен поглед кон изворот на светлина“, истакнала д-р Бјелош и предупредила дека сè што е достапно на пазарот не може автоматски да се смета за безбедно, особено кога станува збор за производи и содржини за деца.