[ВИДЕО/ФОТО] Шлепувале дрога низ Македонија: Падна транспорт со 150 килограми марихуана

Точка

28/01/2026

13:52

938

Големина на фонт

а а а

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција против три лица од Скопје – М.З. (37), И.Б. (61) и Г.Б. (59).

Тие се осомничени за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ по член 215 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Според МВР, на 26 јануари 2026 година, првоосомничениот М.З. од лице од Струга купил моторно возило „Опел Комбо“ со швајцарски регистарски таблички. Во возилото, заедно со И.Б., била сместена поголема количина марихуана, по што го ангажирале Г.Б. да го шлепува возилото од Струга до Скопје за надомест од 200 евра, бидејќи истото не било во возна состојба.


Откако пристигнале во Скопје, првопријавениот М.З. заедно со второпријавениот И.Б. побарале од третопријавениот Г.Б. за сума од 40 евра да продолжи да вози до Свети Николе, позади моторно возило „мерцедес“ во кое тие се превезувале.


На регионалниот пат во близина на Свети Николе, полициски службеници, кои претходно располагале со оперативни информации за транспорт на поголема количина дрога, го запреле товарното возило „Ивеко“ кое го шлепувало „Опел Комбо“.


При извршен преглед на задната клупа и багажниот простор на возилото, биле пронајдени осум торби со вкупно 50 пакувања марихуана. По извршеното вештачење во Одделот за форензички испитувања при МВР, утврдено е дека станува збор за околу 150 килограми марихуана.