Американските сили ќе спроведат повеќедневна воздушна вежба на Блискиот Исток, додека Вашингтон го засилува своето воено присуство во регионот поради зголемените тензии со Иран. Најавата за вежбата доаѓа откако ударната група на носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“ пристигна во зоната под надлежност на Централната команда на САД (CENTCOM), а претседателот Доналд Трамп предупреди дека „армада“ се движи кон Иран, објави Си-ен-ен.
Според генерал-потполковник Дерек Франс, командант на воздухопловните сили во CENTCOM, вежбата ќе им овозможи на пилотите да демонстрираат „како да распоредуваат, управуваат и спроведуваат борбени мисии во тешки услови, безбедно, прецизно и со нашите партнери“.
CENTCOM не ја прецизираше точната локација или времетраење на вежбата, ниту кои воени единици ќе учествуваат во неа.
Најавата за вежбата дојде откако Трамп се закани со можна воена акција против иранскиот режим поради неговото брутално задушување на бранот антивладини протести. Сепак, извори за Си-ен-ен изјавија дека Трамп сè уште ги разгледува своите опции и дека нема индикации дека е донесена каква било одлука за можна акција против Иран.
„Имаме многу бродови што се движат во таа насока, за секој случај. Би сакал ништо да не се случи, но ги следиме многу внимателно“, рече Трамп во петокот.








