Во македонскиот КИЦ во Софија на 29 јануари (четврток) 2026, со почеток од 18:30 часот, ќе биде прикажан првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“, дело на Гоце Цветановски – режисер и сценарист.
Премиерата на филмот во Софија се одржа минатата 2025 година во „Синема сити мол Софија“, а Македонскиот културно-информативен центар ги доби правата за неговото емитување пред посетителите на нашиот Центар.
Филмот, кој е научна фантастика со хумористичен пристап, веќе се етаблира на меѓународната сцена со четири престижни интернационални награди, добиени на филмски фестивали во Еквадор, Италија, Романија и Австралија. Овие признанија се потврда за оригиналноста и продукцискиот квалитет на проектот, кој претставува значаен чекор напред за македонската анимација и филмска индустрија воопшто.
Во фокусот на филмот е Јон Вардар, харизматичен, неконвенционален јунак кој се впушта во интергалактичка мисија полна со неочекувани пресврти, необични суштества, и силна доза на македонски хумор. Неговата авантура, иако сместена во далечна вселена, носи теми кои се блиски и актуелни: слободата, одговорноста, личната храброст, сето тоа претставено преку визуелно импресивна анимација и динамична нарација.
Уникатната стилистика на филмот, духовитите дијалози, како и храброста на авторот да создаде нешто што го надминува локалниот контекст, допринесоа да се позиционира како дело со меѓународен потенцијал








