Најскапите и најевтините градови во светот: Погледнете колку чини животот во Скопје, а колку во соседните градови

Точка

27/01/2026

16:04

588

Големина на фонт

а а а

Најновата анализа на „Numbeo“, заснована на податоци од повеќе од 600.000 корисници од целиот свет, ги споредува секојдневните трошоци за живот во градови на сите континенти.

Во предвид се земени трошоците за храна, ресторани, превоз и комуналии, а резултатите јасно покажуваат каде животот е најскап, а каде сè уште може да се живее значително поповолно.

Швајцарија без конкуренција

Првите шест места на листата на најскапи градови во светот ги заземаат швајцарски градови. На самиот врв се наоѓа Цирих, а по него следуваат Женева, Базел, Лозана, Лугано и Берн. Меѓу десетте најскапи градови има и три американски – Њујорк на седмото место, Хонолулу на деветтото и Сан Франциско на десеттото, додека меѓу нив се смести Рејкјавик, главниот град на Исланд.


Според проценките на „Numbeo“, животот во Цирих претставува сериозен удар врз домашниот буџет уште пред воопшто да се пресмета киријата. Просечните месечни трошоци за самец изнесуваат околу 1.453 швајцарски франци, што е приближно 1.567 евра, додека четиричлено семејство месечно троши околу 5.395 франци, односно околу 5.819 евра, без кирија.

Како се пресметува индексот на трошоци?

„Numbeo“ го користи т.н. Индекс на трошоци за живот, кој се темели на цените на основните прехранбени производи, оброците во ресторани, јавниот превоз, горивото, како и трошоците како струја, греење, вода и интернет. Трошоците за изнајмување станови не се вклучени во овој индекс, туку се следат одделно преку Индексот на кирија.

За споредба на градовите на глобално ниво, Њујорк се користи како референтна точка со индекс 100. Градовите со повисок индекс се поскапи од Њујорк, додека оние со понизок индекс се поповолни. Во анализата е вклучена и локалната куповна моќ, заснована на просечната нето-плата. На пример, Минхен, најскапиот германски град, се наоѓа дури на 52. место со индекс 76,1, што значи дека трошоците за живот таму се приближно за една четвртина пониски отколку во Њујорк.

Кога така ќе се пресмета, излегува дека ова се 20-те најскапи градови за живот во светот:

1. Цирих (Швајцарија)

2. Женева (Швајцарија)

3. Базел (Швајцарија)

4. Лозана (Швајцарија)

5. Лугано (Швајцарија)

6. Берн (Швајцарија)

7. Њујорк (Соединети Американски Држави)

8. Рејкјавик (Исланд)


9. Хонолулу (САД)

10. Сан Франциско (САД)

11. Тел Авив–Јафа (Израел)

12. Сиетл (САД)

13. Осло (Норвешка)

14. Сингапур (Сингапур)

15. Лондон (Велика Британија)

16. Вашингтон (САД)

17. Сан Хозе (САД)

18. Бостон (САД)

19. Чарлстон (САД)

20. Копенхаген (Данска)

Трошоци за живот во Македонија и соседните земји

Во споредба со светскиот врв, градовите во регионот се значително поповолни. Белград се наоѓа на 289. место со индекс 47,6, додека Нови Сад, на пример, е поевтин и се најде на 304. позиција со индекс 45.

Меѓу градовите од поранешна Југославија, „води“ Сплит, кој е највисоко позициониран на листата – 232. место, значително над Загреб, кој е на 253. место. Љубљана е 237. во светот според скапотијата, а Сараево, Подгорица и Скопје се особено евтини – ги заземаат 320., 324. и 352. место.


Што се однесува до остатокот од „комшилукот“, Будимпешта е на 267., Тирана на 276., Букурешт на 296., а Софија на 297. место, пишува „Мондо“.

Најевтините градови во светот

На самото дно на листата се наоѓаат градови со најниски трошоци за живот, и тоа исклучиво индиски градови. Таму животните трошоци во просек се околу 80 проценти пониски отколку во Њујорк, а титулата најевтин град во светот според „Numbeo“ ја носи Коимбатор.