Некои од најголемите светски производители повлекуваат адаптирано млеко за бебиња, а француските власти истражуваат смртни случаи на две бебиња кои наводно го консумирале производот на „Нестле“ погоден од повлекувањето поради контаминација со цереулид. Француското Министерство за здравство потврди дека причинско-последичната врска сè уште не е научно утврдена, објави „Еуроњуз“.
Истрага во Франција и потврден случај во Белгија
„Нестле“ соопшти дека ја следи ситуацијата и целосно соработува со властите за да ги обезбеди сите потребни информации. Во исто време, владата во Белгија потврди дека едно дете се разболело во јануари оваа година откако консумирало контаминирана формула за бебиња на „Нестле“.
„Детето повраќало и имало водена дијареа, но за среќа целосно се опоравило во рок од десет дена. Со анализа на примероци од столицата на бебето, можевме да потврдиме дека болеста е предизвикана од контаминација со цереулид од производот на Нестле“, рече Јорис Муненс, портпарол на Министерството за грижа.
Потврдено е дека серискиот број на производот што ја предизвикал болеста во Фландрија припаѓа на сериите што се повлекуваат низ цела Белгија.
Што е цереулид и кои се симптомите?
Цереулид е токсин отпорен на топлина произведен од бактеријата Bacillus cereus кој може да се развие во храната. Најчестите симптоми на можна инфекција се повраќање и дијареја, кои се јавуваат кратко време по консумирање млеко, помеѓу 30 минути и три часа. Симптомите се многу слични на оние на стомачен вирус.
Потекло и извор на контаминација
Проблемот започна на почетокот на декември минатата година. На 10 декември, Nestlé Франција објави повлекување на формула за бебиња произведена во нивната фабрика во Нунспет, Холандија, поради сомневање за контаминација со цереулид. Контаминацијата беше откриена кај кинески добавувач на масло од ARA (арахидонска киселина), важна состојка во формулата за бебиња.
Француското Министерство за земјоделство објави дека од крајот на декември 2025 година, сите производители на формули за бебиња ширум светот кои користат масло од ARA од гореспоменатиот добавувач мора да спроведат свои анализи на ризик за да ја осигурат безбедноста на своите производи.
На почетокот на јануари 2026 година, Nestlé го прошири повлекувањето на други серии на производи во 60 земји, што го прави едно од најголемите повлекувања во историјата на компанијата, опфаќајќи брендови како што се SMA, Beba, Guigoz и Alfamino.












