Топлата, кремаста супа од батат и морков е совршен избор за деновите кога сакате нешто лесно, а во исто време и хранливо.
Бататот, со својата природна сладост и богатството од витамини, му дава на јадењето полна арома, додека морковот внесува свежина и блага, природна сладост. Оваа супа е едноставна за подготовка, а благодарение на додатокот на куркума и павлака за готвење станува кремаста и со богат вкус.
Потребни состојки:
- 400 гр. батат
- 3 моркови
- 1 главица кромид
- 2 чешниња лук
- 1 лажица маслиново масло
- 1 л. зеленчуков бујон
- 1/2 лажичка куркума
- сол и бибер по вкус
- 100 мл. павлака за готвење

Начин на подготовка:
Излупете го бататот и морковите, па исечкајте ги на коцки. Исечкајте го кромидот и лукот. Во тенџере загрејте го маслиновото масло, па додадете го кромидот и лукот и динстајте додека не стане стаклест.
Потоа додадете ги исечканите моркови и бататот, измешајте и оставете го зеленчукот кратко да се продинста неколку минути. Посолете, ставете бибер и додадете куркума, а потоа налејте го зеленчуковиот бујон. Варете 20–25 минути, додека зеленчукот целосно не омекне.
Сварениот зеленчук испасирајте го со рачен блендер или во блендер додека не добиете мазна, кремаста супа. Додадете ја павлаката за готвење и кратко варете уште две минути. По потреба дополнително зачинете.
Супата послужете ја топла, а можете да ја декорирате со свеж магдонос.








