„The Guardian“ го нарече културолошки најважното остварување во 2025: За што зборува филмот што освои најмногу номинации за Оскар во историјата?

Точка

23/01/2026

17:15

376

Големина на фонт

а а а

Филмот „Sinners“ испиша историја освојувајќи вкупно 16 номинации за Оскар, а оваа хорор-драма ги освои и гледачите и критичарите, додека некои ја нарекуваат и културолошки најважниот филм на годината.

„Sinners“ е филм од 2025 година зад кој стои Рајан Куглер, познат по големите хитови како „Black Panther“ и „Creed“. Дејството е сместено во 1930-тите години во сојузната држава Мисисипи, каде што браќа близнаци, кои ги толкува Мајкл Б. Џордан, по години живот во Чикаго се обидуваат да започнат нов живот со отворање џук џоинт – место каде што се слави блузот и се чува заедницата, но нивните планови брзо се соочуваат со насилен расизам и натприродни закани.

Преку спирала од насилство, мистика и вампири, филмот делува како спој на хорор, драма и музички елементи кои ја преплетуваат традицијата на афроамериканската музика, борбата за автономија и културните симболи со брутални фантастични елементи.

Критичарите во најголем дел се воодушевени од оваа смела хибридна приказна. На веб-страниците што собираат филмски рецензии, „Sinners“ има исклучително високи оценки – речиси сите се позитивни, со посебно истакнување на визијата на режисерот, мајсторството на камерата и улогата на музиката како клучен наративен елемент.

Многумина го фалат проширувањето на хорор-жанрот од страна на Куглер надвор од очекуваните рамки и сметаат дека „Sinners“ претставува едно од најсилните и најамбициозните остварувања во неговата кариера.

„The Guardian“ дури го нарече културолошки најважниот филм во 2025 година.


„Ѓаволски забавниот ‘Sinners’ претставува уште еден силен пример зошто Рајан Куглер е на врвот на својата генерација филмски креатори. Мајкл Б. Џордан продолжува да покажува зошто е вистинска филмска ѕвезда, а тоа што игра сам наспроти себе е одлично изведено и технички и актерски“, наведува „Deadline“.

За некои рецензенти филмот понекогаш делува премногу разновидно и развлечено, со ритам кој бавно се развива пред да започне хоророт, а кај други наративната мешавина на елементи е оценета како преамбициозна или нерамномерна.

На публиката, генерално, филмот ѝ се допаѓа, што го потврдува високата оцена од гледачите и ретко остварената оценка „A“ на „CinemaScore“ за хорор-наслов, но меѓу гледачите постои распон на мислења – од оние кои го сметаат за ремек-дело до оние на кои темпото и завршницата не им биле убедливи.