Белата куќа на социјалните мрежи објави фотографија која е дигитално изменета за да изгледа како демонстрантката да плаче во моментот на апсењето, во врска со протест против американската Служба за имиграција и царина (ICE) во една црква во сојузната држава Минесота.
Фотографијата од апсењето на Некима Леви Армстронг, на која Армстронг има неутрален израз на лицето, во четвртокот наутро на мрежата „X“ прва ја објави министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем. Фотографијата што потоа ја објави Белата куќа изгледа исто, освен што изразот на лицето на Армстронг е изменет така што делува вознемирено, со видливи солзи кои ѝ течат по лицето.
Белата куќа ја објави фотографијата на Армстронг која наизглед плаче, со опис во кој ја нарекува „крајно лева агитаторка“, приближно 30 минути откако Ноем ја објави оригиналната фотографија.
Изменетата верзија на мрежата „X“ повторно ја објави и потпретседателот Џеј-Ди Венс. Објавата на Белата куќа беше проследена со лавина коментари од корисниците на „X“, од кои многумина наведоа дека фотографијата изгледа манипулирано.
https://t.co/ACPZFX2m3x pic.twitter.com/MyvE9HkSRA
— The White House (@WhiteHouse) January 22, 2026
Како одговор на прашањето на „CBS News“ дали фотографијата е изменета, прес-службата на Белата куќа испрати линк до објава на „X“ од портпаролот на Белата куќа Кејлен Дор, кој таа објава ја нарече „меме“.
„Спроведувањето на законот ќе продолжи. Мемињата ќе продолжат. Ви благодариме за вниманието посветено на ова прашање“, изјави Дор на „X“.
Експертот за дигитална форензика Хани Фарид, професор на Универзитетот Калифорнија во Беркли и коосновач и главен научен директор на компанијата „GetReal Security“, изјави за „CBS News“ дека, иако не е јасно на кој начин е изменета фотографијата, веројатно е уредена со помош на вештачка интелигенција.
„Ова не е првпат Белата куќа да споделува содржина која е манипулирана или генерирана со помош на вештачка интелигенција. Овој тренд е загрижувачки на повеќе нивоа. Не само што споделуваат измамничка содржина, туку со тоа сè повеќе ѝ отежнуваат на јавноста да верува во било што што се споделува со нас“, вели Фарид.
Апсењето на Армстронг и уште неколку демонстранти се случи во екот на бран протести низ подрачјето на Твин Ситис, откако претходно овој месец службеник на ICE смртоносно пукаше во Рене Гуд.
Homeland Security Investigators and FBI agents arrested Nekima Levy Armstrong who played a key role in orchestrating the Church Riots in St. Paul, Minnesota.
— Secretary Kristi Noem (@Sec_Noem) January 22, 2026
She is being charged with a federal crime under 18 USC 241.
Religious freedom is the bedrock of the United States -… pic.twitter.com/LHh994fXf3
Армстронг е адвокатка за граѓански права и поранешна претседателка на огранокот на „NAACP“ во Минеаполис, која помогнала во организацијата на протестот за време на неделната верска служба во црквата „Cities Church“ во Сент Пол, каде што, како што се наведува, еден локален службеник на ICE ја извршува должноста пастор. Ноем изјави дека Армстронг се товари според членот 18 USC 241, закон кој забранува заплашување на лице кое остварува уставно право.
Се очекува Армстронг да биде пуштена на слобода откако судијата го одби барањето за одредување притвор.
Уште две лица, Чонтилил Луиза Ален и Вилијам Кели, исто така беа уапсени во четвртокот во врска со протестот во црквата „Cities Church“, соопшти државната обвинителка Пем Бонди. Меѓутоа, судијата за претходна постапка одби да ја потпише обвинителната постапка против независниот новинар Дон Лемон во врска со тој протест, потврдија повеќе извори запознаени со постапката за „CBS News“.
Претседателот Доналд Трамп има историја на споделување слики генерирани со вештачка интелигенција на социјалните мрежи. Во вторникот на мрежата „Truth Social“ објави слика генерирана со вештачка интелигенција на која е прикажан како држи американско знаме на Гренланд, стоејќи покрај потпретседателот Венс и државниот секретар Марко Рубио.
















