[ФОТО/ВИДЕО] „Херојот на Водици“: Ова е волонтерот од Црвен Крст кој спаси давеник од водите на Вардар

Точка

22/01/2026

21:20

761

Големина на фонт

а а а

Градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски, јавно го пофали младиот Даниел Раевски, волонтер во Црвен Крст за неговата исклучителна храброст и навремена интервенција на Водици во Скопје, кога од студените и надојдени води на реката Вардар беше спасен давеник.

„Има нешто во тоа што е од Бутел, има и во тоа што порасна во Таеквондо Клуб Бутел, има нешто и во тоа што сега вежба во Џудо клуб Радишани, а највеќе има во тоа што е храбро, чесно и добро момче! За Водици спаси човечки живот! Браво јунак! Браво Даниел!“, напиша Костовски на социјалните мрежи.

Има нешто во тоа што е од Бутел, има и во тоа што порасна во Таеквондо Клуб Бутел, има нешто и што сега вежба во Џудо...

Posted by Дарко Костовски on Tuesday, January 20, 2026

Раевски е волонтер и спасувач на Црвениот крст, кој со брза и решителна реакција успеа да интервенира во критичен момент и да помогне во извлекувањето на лицата кои се бореа со силната струја на Вардар, покажувајќи исклучителна смелост, присебност и хуманост на дело.

Херојското дело се случи за време на фрлањето на Светиот крст, кога едно момче, учесник во настанот, било повлечено од водата и заглавено на јаже, со главата под вода, во исклучително опасни услови. Без двоумење, Раевски допливал до него и успеал да го отплетка јажето, со што овозможил момчето навремено да биде извлечено од останатите спасувачи.

Атлетичарот Игор Јакимовски на својот Фејсбук профил јавно сведочеше за драматичниот момент и херојската интервенција, споделувајќи фотографии и видеа од настанот.

„Последното момче буквално се давеше заглавено на јажињата и во последен момент го извадија тигрите и момците од Црвен Крст“, напиша Јакимовски, додавајќи:

Најголемиот херој на Водици 🙏🙏🙏


Волонтерот од Црвен Крст кој без размислување заплива кон момчето кое беше заглавено на...

Posted by Igor MC Jakimovski on Monday, January 19, 2026

„Најголемиот херој на Водици. Волонтерот од Црвен Крст кој без размислување заплива кон момчето кое беше заглавено на јажето со главата под вода. Неговата брза реакција во студените и надојдени води, навременото допливување и клучниот момент кога го отплетка јажето беа вистинско херојство. Споделете да се знае кој е херојот и секако да се награди со орден“.

Откако момчето било пронајдено, Јакимовски дополнително објави:

„Еве го херојот од Водици – Даниел Раевски, волонтер на Црвен Крст. Браво јунаку наш и секоја чест“.

Во друга објава, тој потенцираше дека годинашната централна манифестација Водици се одржала во најопасните услови досега и упати почит до сите што придонеле за спасувањето на момчето.

Централна манифестација Водици и најопасниот Вардар во досегашната четири децении традиција.


Не чува Господ Бог,...

Posted by Igor MC Jakimovski on Monday, January 19, 2026

Иако градоначалникот упати јавна пофалба, дел од јавноста смета дека ваквиот чин заслужува и конкретно институционално признание, а не само јавно признание со зборови. Останува да се види дали Општина Бутел или надлежните институции ќе преземат чекори за официјално наградување на младиот спасувач.

Херојското дело на Водици уште еднаш покажа дека не сите херои носат наметка. Понекогаш, тие се обични луѓе кои живеат меѓу нас и подаваат рака токму тогаш кога тоа е најпотребно.