Општина Центар го објави јавниот повик за субвенционирање на обука за возачка дозвола од Б категорија, со цел да им помогне на младите полесно да го направат првиот чекор кон самостојно и безбедно учество во сообраќајот.
Мерката е наменета за млади жители на општината, родени во 2007 и 2008 година, а финансиската поддршка изнесува 10.000 денари по кандидат.
Субвенцијата може да се искористи во Авто школа „Мобилити Плус“, која функционира во рамки на АМСМ системот и нуди современи услови за обука. Автошколата располага со седум модерни возила и шест лиценцирани инструктори со долгогодишно искуство во практична и теоретска настава. Преку професионален и педагошки пристап, кандидатите добиваат темелна подготовка за безбедно и одговорно управување со моторно возило.

Од Авто школа „Мобилити Плус“ информираат дека пријавувањето и плаќањето за обуката може да се извршат онлајн, што значително го олеснува процесот за младите кандидати. Дополнително, сите услови, критериуми и рокови за аплицирање за субвенцијата се јавно достапни на официјалната веб-страница на Општина Центар.
Со оваа мерка, Општина Центар продолжува со политиките за поддршка на младите, инвестирајќи во нивната мобилност, едукација и сообраќајна култура.








