Пратениците на СДСМ поднесоа повеќе амандмани на Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик.
Како што соопштуваат од партијата, при подготовката на амандманите биле земени предвид аргументите на експертите и на невладините организации изнесени на јавната расправа, како и заложбите на СДСМ за прецизни законски решенија што ќе обезбедат услови за борба против криминалот и корупцијата.
Со амандманите, СДСМ бара измена на членот 353 – „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и враќање на решението што важеше пред измените на Кривичниот законик од 2023 година.
„Сегашните измени кај членот 353 ја намалуваат одговорноста кај најважното – тендерите. Ова мора да се промени“, велат од СДСМ.
Партијата бара и целосно бришење на рокот од пет години за конфискација на имот, наведувајќи дека имот стекнат со криминал мора да се конфискува без разлика кога е украден.
„Правдата и украдените пари на граѓаните не смеат да имаат рок на траење“, додаваат од СДСМ.
Со амандманите се предлага и дигиталните податоци и снимки од системот „Безбеден град“ да се бришат во рок од 48 часа.
„Пристап до нив може да има само и исклучиво со судски налог. Не може да се дозволи МВР да го злоупотребува системот и тој да биде партиски инструмент за следење и уцена на граѓаните“, велат од партијата.
Дополнително, СДСМ бара драстично зголемување на казнената политика за секој што се организира во група за вршење тешки кривични дела, со јасно разграничување и максимални казни за мафијашките структури.
Се предлага и зајакнување на кривично-правната заштита на децата од најтешките форми на експлоатација, при што, како што наведуваат, нема место за компромис или благи казни.
„Покрај овие клучни столбови, СДСМ со амандмани бара и проширување на условите за конфискација, за имотот да не може да се сокрие зад туѓи имиња и параван-фирми“, соопштуваат од партијата.












