Додека европското население го дочека со сомнеж враќањето на Доналд Трамп на власт во ноември 2024 година во САД, во Европа една година подоцна преовладува непријателско чувство, според анкетата спроведена од парискиот весник „Фигаро“ денес за француската група за геополитички студии „Гран Континент“ во седум земји од Европската Унија (ЕУ).
Повеќе од половина (51 процент) од жителите на Франција, Италија, Шпанија, Германија, Полска, Данска и Белгија сега го сметаат Трамп за „непријател на Европа“.
Само осум проценти од анкетираните го гледаат како пријател, а 39 проценти го гледаат како „ниту еден од нив“.
Американскиот претседател има најмногу пријатели во Полска (17 проценти) и најмногу непријатели во Шпанија (58 проценти).
Огромното мнозинство од испитаниците (88 проценти) веруваат дека Трамп не ги почитува демократските принципи – 44 проценти велат дека тој „има авторитарни тенденции“, а ист број веруваат дека тој „се однесува како диктатор“.
Во својата прва година во Белата куќа, Трамп се закани на светскиот поредок што неговата земја педантно го воспоставуваше со децении.
Хиперактивен на меѓународната сцена, американскиот претседател се фали дека завршил осум конфликти за една година и редовно се претставува како претседател на мирот, анализираат медиумите.
Но, сепак, Трамп не се двоумеше да прибегне кон насилство, ниту да се закани дека ќе го стори тоа, тој дури и прифати брутален империјализам, а неговата последна мерка во низата е неговата опсесија со Гренланд, според Фигаро.
Во врска со горливото прашање за Гренланд, 84 проценти од анкетираните Европејци ги сметаат изјавите на Трамп за „сериозни“.
Иако американскиот претседател во Давос ја исклучи употребата на сила за окупирање на островот, 81 процент од испитаниците би ја сметале американската воена интервенција во Гренланд за „чин на војна“.
Анкетата е спроведена меѓу 7.498 луѓе во седум земји од ЕУ, од 13 до 19 јануари.








