Германецот Петер Кирхоф доспеа на насловните страници уште во 2013 година, кога помина милион километри со „Škoda Fabia“ 1.9 TDI. Десет години подоцна, тој ќе го повтори тоа зад воланот на дизел „Mini Cooper D“.
Според информациите ажурирани на 3 јануари 2026 година, трицилиндричниот „Mini“ веќе имал 964.000 километри на бројачот. Со сегашното темпо, магичната граница од милион километри ќе биде достигната во наредните неколку месеци, пренесува „Autobild“.
Кирхоф го купил „Mini Cooper D F56" летото 2014 година, како замена за својата доверлива „Škoda“, која сè уште ја поседува. Целта од самиот почеток била јасна – да помине милион километри и со „Mini“. Точно една година по преземањето на автомобилот, на 20 јуни 2015 година, бројачот покажувал 100.000 километри.
Кирхоф годишно поминува меѓу 80.000 и 90.000 километри и со години усовршувал исклучително економичен стил на возење.

Сè детално документира на својата „Facebook“ страница „Project one M – 1.000.000 im Mini“, која ја следат речиси 12.000 луѓе. Секое возење, секое полнење гориво и секој сервис се уредно забележани.
На поминати 963.250 километри, просечната потрошувачка изнесувала само 2,949 литри на 100 километри, што е околу 20 проценти помалку од фабрички декларираната потрошувачка за „Mini“ со 116 коњски сили. Во просек, со еден резервоар поминува 1.396 километри, додека 690 полнења гориво вкупно чинеле 38.102,88 евра.
Останатите трошоци вклучуваат осигурување (5.110,36 евра), данок на возила (1.704 евра), 25 посети на сервиси за редовно одржување (22.594,32 евра), како и други трошоци во износ од 5.496,09 евра.

Кога ќе се пресмета и куповната цена на автомобилот од 30.350 евра, возењето од 963.250 километри вкупно чинело 103.357,66 евра.
„Mini“ во текот на годините посетил 25 различни земји. Кирхоф веќе има јасен план за големиот ден – кога ќе помине милион километри, автомобилот ќе се врати „дома“.
Прославата е планирана во фабриката на „Mini“ во Оксфорд, во Велика Британија, каде што Кирхоф ќе биде свечено пречекан, исто како што некогаш бил пречекан во фабриката на „Škoda“ во Млада Болеслав.

Претходната рекордерка на Кирхоф, „Škoda Fabia“, достигнала милион километри на 3 јули 2013 година, точно 13 години по претставувањето. Бројачот на километри тогаш застанал на 999.999, по што се појавиле само цртички.
Моторот го издржал целото возење во оригинална состојба, благодарение на внимателниот стил на возење на Кирхоф, а „Fabia“ по рекордот поминала уште повеќе од 250.000 километри.










