Нутриционист објаснил која е разликата помеѓу кафените и белите јајца и кои се подобри

Точка

22/01/2026

15:29

1.312

Големина на фонт

а а а

Сите сме го доживеале оној момент на изненадување кога ќе отворите кутија со јајца од супермаркет, од пазар или од селско домаќинство и ќе здогледате нешто што не сте го очекувале: бели јајца.

Повеќето јајца во продавниците се со кафеава боја, па кутија со бели или дури мешани јајца може да делува необично и да ве наведе да се запрашате дали имаат поинаков вкус, дали се подготвуваат поинаку или се разликуваат по здравствените и нутритивните својства.

Дали навистина постои разлика меѓу кафеавите и белите јајца?


Ричард Мју од компанијата „Bird Brothers“, производител на јајца од Бедфордшир, изјавил за „Express“: „Разликата меѓу белите и кафеавите јајца е едноставна: бели јајца ги носат бели кокошки, а кафеавите – кафеави. Кога станува збор за вкусот и начинот на подготовка, разлика нема.“„

Хенри О’Конор, основач на брендот Better Eggs“ од Велика Британија, кој се залага за висок квалитет на јајцата и добросостојба на кокошките, објаснува: „Белите јајца најчесто ги носат кокошки со посветло перје и светли ушни реси, додека кафеавите јајца доаѓаат од потемни кокошки со црвени реси. Тоа е сè. Разликата е исклучиво естетска и нема никакво влијание врз она што се наоѓа внатре во јајцето.“

Британската служба за информации за јајца исто така наведува дека бојата на лушпата зависи исклучиво од расата на кокошката. „Општо земено, белите кокошки носат бели јајца, а кафеавите кокошки – кафеави.“

Пол Мејсон, раководител на секторот за храна во сервисот за подготовка на здрави оброци „Prep Kitchen“, вели: „Бојата на лушпата целосно зависи од расата. Кокошките со бело перје најчесто носат бели јајца, а оние со кафеаво перје – кафеави.“

Ребека Тонкс, директорка на компанијата „St Ewe Free Range Eggs“, додава: „Бојата на лушпата на јајцето е генетски условена и зависи од расата, а не од квалитетот, спротивно на она во што многумина поверувале. Општо земено, белите јајца потекнуваат од бели кокошки, а кафеавите од кафеави.“

Линдзи Честејн, која го води сајтот „The Waddle and Cluck“ и одгледува кокошки на својот имот, истакнува: „Единствената разлика меѓу белите и кафеавите јајца е самата кокошка. Други разлики нема.“

Постои, сепак, и изненадувачки начин да се открие каква боја јајца ќе носи некоја кокошка. Шарлот Томас, регионална менаџерка за проценки во организацијата „RSPCA Assured“, вели: „Звучи чудно, но е точно – бојата на ушните реси кај кокошката често одговара на бојата на јајцето. Потемните реси најчесто значат кафеави јајца, додека посветлите укажуваат на бели.“

Хенри О’Конор од „Better Eggs“ вели: „И покрај широко распространетото мислење меѓу потрошувачите, бојата на лушпата нема никаква врска со квалитетот.“

Кети Бегет од „Beyond the Chicken Coop“, која повеќе од 20 години одгледува кокошки, додава: „Квалитетот и вкусот на јајцата не зависат од бојата. Тие зависат од начинот на одгледување и исхраната на кокошките. Секое јајце, без разлика на бојата, може да се подготвува на ист начин.“

Дали една боја на јајца е поздравa од другата?


Дестини Муди, сертифицирана специјалистка за спортска диететика, која работела со спортисти од „MLB“ и „NBA“ лигите, вели: „Белите и кафеавите јајца во суштина се исти. Тие содржат висококвалитетни протеини, добар аминокиселински профил и хранливи материи како холин, витамин Б12, јод и селен. И белите и кафеавите јајца можат да бидат збогатени со омега-3 масни киселини или витамин Д.“

Британската служба за информации за јајца наведува: „Не постојат нутритивни разлики меѓу белите и кафеавите јајца. Јајцата се природна, нутритивно богата намирница со витамини, минерали и квалитетни протеини, со помалку од 80 калории, без оглед на бојата.“

Пол Мејсон додава: „Луѓето често имаат цврсти убедувања за бојата на јајцата, најчесто поради нешто што го слушнале одамна. Една од честите заблуди е дека кафеавите јајца се поздрави, а белите наводно ‘индустриски’. Тоа едноставно не е точно. Ако кокошките се одгледувани во слични услови, нутритивно се исти. Разликата ја прават исхраната на кокошката, условите во кои живее и свежината на јајцето, а не бојата на лушпата.“

Ребека Тонкс истакнува: „Постојат минимални или никакви нутритивни разлики меѓу белите и кафеавите јајца. Вкусот е ист, а квалитетот на внатрешноста на јајцето зависи од општото здравје и исхраната на кокошката.“

Едмунд Мекормик, консултант за прехранбена технологија и основач на компанијата „Cape Crystal Brands“, вели: „Од нутритивен аспект, важно е да се знае дека белите и кафеавите јајца се идентични. Тие имаат иста количина на протеини, масти, холестерол, витамини и минерали кога потекнуваат од слични услови на одгледување.“

Дали се разликуваат по вкус?


Кејти Вајн, професионална готвачка и креаторка на рецепти која пораснала на фарма, вели: „Разликите во вкусот потекнуваат од исхраната на кокошката, свежината на јајцето или начинот на подготовка, а не од бојата на лушпата. Нема потреба да се подготвуваат поинаку.“

Хенри О’Конор додава: „На вкусот и квалитетот најмногу влијаат условите во кои се одгледуваат кокошките, нивната исхрана и просторот што го имаат. Бојата на лушпата тука нема речиси никакво значење.“

Едмунд Мекормик истакнува: „Слепите тестирања на вкус покажале дека луѓето не можат да направат разлика меѓу белите и кафеавите јајца. Вкусот зависи од исхраната на кокошката и свежината на јајцето, а не од бојата.“

Дали белите и кафеавите јајца се готват поинаку?

Пол Мејсон вели: „Од кулинарска гледна точка, нема никаква разлика. Тие се однесуваат исто без разлика дали ги матите, варите, печете или ги користите во колачи. Свежината е важна, но бојата не игра улога.“


Едмунд Мекормик додава: „Не. Белите и кафеавите јајца имаат иста функција во кујната. Подеднакво се згрутчуваат, емулгираат и матат.“

Дали жолчката е со различна боја?

Линдзи Честејн објаснува: „Потемната боја на жолчката доаѓа од исхраната и количината на сончева светлина на која се изложени кокошките. Колку што е жолчката потемна, толку исхраната била поквалитетна. Кокошките што слободно се движат најчесто носат јајца со темно жолта до портокалова жолчка.“

Дали навистина нема никаква разлика?

Ричард Мју вели: „Иако јајцата се нутритивно исти, постојат причини зошто белите јајца сè почесто се појавуваат во продажба. Белите кокошки се помирни, полесни за одгледување, поефикасно ја користат храната и подолго носат јајца од кафеавите. Тоа ги прави поодржлива опција, без никаков компромис во квалитетот, нутритивните вредности или вкусот.“

Дали јајцата се добри за здравјето?

Поради застарени или неточни информации, дебатата за јајцата и здравјето често била побурна отколку што е потребно, особено кога станува збор за холестеролот или консумирањето сурови јајца. Општо земено, јајцата се нутритивно богата намирница, содржат висококвалитетни протеини и други важни хранливи материи и се целосно безбеден дел од урамнотежената исхрана.