Медиумската војна продолжува: Директорот на „Ryanair“ го исмеа Маск, му понуди бесплатна карта – „Не може да нè купи, но секоја инвестиција е подобра од ‘X’“

Точка

21/01/2026

14:35

455

Големина на фонт

а а а

Директорот на „Ryanair“, Мајкл О’Лири, изјави дека Илон Маск не може да ја купи оваа авиокомпанија, но дека секоја негова инвестиција во „Ryanair“ би била поисплатлива од повратот што моментално го остварува од социјалната мрежа „X“, поранешниот „Twitter“.

Коментарите доаѓаат по најновата размена на јавни прозивки меѓу О’Лири и Маск, за која првиот човек на авиокомпанијата тврди дека, парадоксално, позитивно влијаела врз продажбата на билети.

Судирот на социјалните мрежи се интензивираше откако О’Лири ја отфрли можноста за воведување на интернет-услугата „Starlink“ во флотата на „Ryanair“ од повеќе од 600 авиони. О’Лири го нарече Маск идиот, додека американскиот милијардер возврати нарекувајќи го „неподнослив сметководител“.


Маск потоа на мрежата „X“ сугерираше дека би можел да ја купи најголемата европска авиокомпанија според бројот на превезени патници и „да постави некого кој навистина се вика Рајан да ја води“. Тој објави и анкета меѓу своите следбеници, а околу три четвртини од учесниците ја поддржаа таа идеја.

Говорејќи на прес-конференција, О’Лири рече дека „Ryanair“ би бил добра инвестиција за Маск, но нагласи дека правилата на Европската унија за ограничување на странското сопствеништво во авиокомпаниите претставуваат пречка за какво било преземање.

„Ако сака да инвестира во „Ryanair“, ние тоа би го сметале за многу добра инвестиција, секако значително подобра од финансиските поврати што моментално ги остварува на ‘X’“, рече О’Лири, отворено исмевајќи го управувањето на Маск со социјалната мрежа.

Осврнувајќи се на она што го нарече негов „Твитер испад“, О’Лири изјави дека целата приказна донела „фантастичен маркетиншки ефект“ за авиокомпанијата.

„Резервациите пораснаа за околу 2 до 3 проценти во последните пет дена, што, со оглед на нашиот обем, претставува исклучително значаен раст“, изјави тој.

Акциите на „Ryanair“ за време на препирката не забележаа поголеми осцилации, што сугерира дека поголемиот дел од инвеститорите не ја сфаќаат сериозно заканата на Маск за преземање на компанијата, иако и пред купувањето на „Twitter“ бараше мислење од своите следбеници.

О’Лири потврди дека „Ryanair“ во текот на изминатите 12 месеци водел разговори со „Starlink“ за можноста за воведување Wi-Fi во авионите, но дека цената била превисока. Според неговите зборови, компанијата бара партнер кој би бил подготвен да инвестира во инсталацијата на опремата, додека „Ryanair“ и „Starlink“ не можеле да се усогласат околу проценката колку патници би ја плаќале оваа услуга.


„Луѓето од ‘Starlink’ веруваат дека 90 проценти од нашите патници со задоволство би платиле за Wi-Fi. Нашето искуство, за жал, покажува дека тоа би го направиле помалку од 10 проценти од патниците“, рече О’Лири.

Минатата недела О’Лири дефинитивно ја исклучи можноста за вградување на системот „Starlink“ во авионите на „Ryanair“, наведувајќи дека дополнителниот отпор на воздухот поради антените би ја зголемил потрошувачката на гориво, и процени дека услугата би можела да ја чини компанијата и до 250 милиони долари годишно.