По страшниот судир на возови во Шпанија, 6-годишно девојче е единственото преживеано од семејството

Макфакс

20/01/2026

17:14

220

Големина на фонт

а а а

Во тешката железничка несреќа што се случи на југот на Шпанија загинаа 41 лице, а шестгодишно девојче е единствениот преживеан член од своето семејство, излегувајќи од остатоците на возот речиси без повреди. Меѓу загинатите се нејзините родители, братот и братучедот, јави Асошиејтед прес.

Според весникот „Ла Вангардија“, девојчето по несреќата било пронајдено босо на шините од припадник на Цивилната гарда, откако успеало да избега низ скршен прозорец. Нејзиниот братучед Хуан Баросо изјави за новинарите дека девојчето е во добра здравствена состојба и дека во болница ѝ биле ставени три конци на главата.

Градоначалникот на Пунта Умбрија, од каде што потекнува семејството на девојчето, Хосе Карлос Ернандес, изјави дека утеха наоѓа во фактот што девојчето е надвор од животна опасност.

„Многу луѓе се многу тажни поради жртвите од оваа страшна несреќа, но имаше и многу кои преживеаја, како чудото на девојчето кое е безбедно“, изјави Ернандес за новинарите денеска, откако предводеше минута молк за жртвите.

Во Пунта Умбрија е прогласена тридневна жалост за жртвите, меѓу кои и семејството Заморано Алварез, чие презиме го потврди градскиот совет. Семејството се наоѓало во предните вагони кои го претрпеле најсилниот удар кога возот, од сè уште неутврдени причини, излетал од шините.

Градоначалникот Ернандес потврди дека девојчето сега се наоѓа со бабата и дедото во хотел во Кордоба, најблискиот град до местото на несреќата.

„Има прекрасна фамилија која ќе направи сè што е потребно за да има среќен живот“, рече градоначалникот.