Арбелоа посебно и верува на една ѕвезда: Ќе барам од играчите постојано да му ја додаваат топката

Дерби

18/01/2026

09:58

817

Големина на фонт

а а а

Играчите на Реал Мадрид оставија зад себе крајно непријатно попладне на „Сантијаго Бернабеу“, но убедливо најлошо мина Винисиус Жуниор, бидејќи Бразилецот ги добиваше најжестоките свирежи при секој свој допир со топката.

Крилниот напаѓач подолго време игра далеку под очекувањата и со своето однесување го навлече гневот и меѓу фановите на Реал, а искажната фрустрација во вид на жестоки свирежи сигурно ќе ја раздрма и онака разнишаната самодоверба на фудбалерот.

Винисиус е далеку од формата кога беше голем кандидат за освојување на „Златната топка“, но ако добар дел од фановите веќе ги заборавија извонредните изданија, таков не е случајот со Алваро Арбелоа.

Новиот тренер на Реал вели дека токму Вини е играчот кој посебно ќе го форсира во периодот кој следи, бидејќи негова цел е да ја врати најдобрата верзија на фудбалерот кој беше клучен за последните титули во Лигата на шампиони.

– За мене работата е многу јасна. Како тренер на Реал Мадрид, ќе работам да ја вратиме најдобрата верзија на Винисиус, ќе барам од играчите да го бараат на теренот и да му ја додаваат топката. Тој е играч кој нема страв, не се плаши да преземе одговорност, има карактер и секогаш со гордост ги бранел боите на клубот.

– Тој е еден од играчите кои прават најголема разлика на теренот. Тоа што го направи на млада возраст во Реал, некои не го направиме во цела кариера. Тој ќе ни донесе уште титули во иднина, исто какошто тоа го правеше досега. Никој не смее да заборави што направи Вини тука, имаше период кога сам го влечеше тимот напред и го носеше на грб. Тој е играч кој ни донесе титули, тој е еден од нас и ќе биде дел од нас уште долго време, – порача Арбелоа по победата над Леванте со резултат 2:0.