За време на дочекот на Новата година во Саудиска Арабија отворен е тамошниот најголем забавен парк „Six Flags“ кој може да се пофали со најголем и најбрз ролеркостер во светот „Falcons Flight“.
Се наоѓа во Кидија Сити, недалеку од Ријад, а вреди ни помалку ни повеќе туку една милијарда долари. Воедно претставува дел од амбициозниот план регионот да стане глобален центар на игри, спорт, забава и култура.
Проект со повеќе фази
Покрај забавниот парк „Six Flags“, Кидија Сити во наредните фази ќе добие и воден парк „Aquarabia“, тематски парк посветен на „Dragon Ball“ универзум, авто-мото спортски објекти и други содржини.
По завршувањето на дополнителните фази на проектот до 2030 година, се очекува отворање на околу 85.000 работни места, додека се проценува придонесот кон БДП да достигне 44 милијарди саудиски ријали (околу 11,7 милијарди долари).
Предизвик само за најхрабрите
Посетителите на паркот „Six Flags“ можат да истражат шест уникатни тематски светови, од кои секој нуди посебна приказна и доживување. Во рамките на паркот се наоѓаат вкупно 27 возења и атракции, вклучувајќи пет кои соборуваат светски рекорди, 10 интерактивни игри и 18 семејни содржини.
Посебна атракција претставува „Falcon’s Flight“, најголемиот, најдолг и најбрз ролеркостер на светот. Со висина од 195 метри и максимална брзина од 250 км/ч ова возење претставува предизвик само за најхрабрите.
Цена на билетите и пакетите
Билетите за еднодневна посета на паркот чинат 325 саудиски ријали (86 долари) и важат за посетители над 12 години, со неограничен пристап до сите возни средства и атракции, пренесе „Дејли мејл“.
Децата под три години влегуваат бесплатно, додека лицата со попреченост и дадилките што ги придружуваат децата можат да купат билети по намалена цена од 75 ријали (20 долари). Достапни се и семејни пакети за пет лица по цена од 1.200 ријали (320 долари).











