Најдобриот светски рекет, Карлос Алкарас неодамна се раздели со тренерот Хуан Карлос Фереро, човекот со кого порасна, напредуваше и ги доживеа најубавите моменти и успеси во досегашната кариера.
Допрва ќе видиме дали оваа одлука на Шпанецот е вистинска, а во меѓувреме Матс Виландер имаше еден интересен предлог за Карлитос, да проба да го ангажира легендарниот Рожер Федерер.
Во однос на оваа тема својот став го сподели Тим Хенман кој верува дека на Алкарас повеќе би му одговарало да соработува со негов сонародник.
- Не мислам дека Федерер е вистинската личност или сака да биде тренер. Се прашувам дали Алкарас би сакал да работи со Швајцарецот, но тој мора да го направи вистинскиот избор. Не мора да брза. Очигледно, може да види кој е достапен бидејќи секој тренер би сакал да работи со него. Тој е исклучително талентиран играч. На краток рок, прес-конференциите на Австралија Опен и неговиот настап ќе бидат внимателно следени за неговата одлука. Едвај чекам да започне, - порача Британецот кој своевремено беше четврти на светот.








