Ново истражување спроведено на 135.000 луѓе од повеќе земји покажа дека само пет минути дополнителна умерена физичка активност и 30 минути помалку седење дневно може да го намали ризикот од предвремена смрт и да им го продолжи животот на милиони луѓе.
Истражувањето, спроведено на примерок од 135.000 лица од Велика Британија, САД, Норвешка и Шведска, укажува дека и минимални промени во животните навики можат да имаат значително влијание врз должината на животот. Досега доказите за намалување на бројот на предвремени смртни случаи најчесто тргнувале од претпоставката дека сите мора да ги исполнат пропишаните цели за физичка активност, занемарувајќи ја користа од дури и помали поместувања.
Умерената физичка активност, како на пример брзо одење дополнителни пет минути дневно, се поврзува со проценето намалување на ризикот од смрт за околу 10 отсто. Истражувачите од Норвешката школа за спортски науки утврдиле и дека намалувањето на седентарното време за 30 минути дневно е проследено со проценето намалување на вкупната смртност за околу 7 отсто.

Најголема корист е забележана кај најмалку активните 20 отсто од популацијата, доколку токму тие би ја зголемиле својата активност за пет минути дневно. Резултатите се објавени во списанието „Лансет“.
Авторите на трудот нагласиле дека овие наоди не треба да се толкуваат како личен совет, односно конкретни препораки за вежбање за поединци, туку како показател за потенцијално огромна корист за населението во целина.
Проф. Ајден Дохерти од одделот „Nuffield“ за популациско здравје при Универзитетот Оксфорд, кој не учествувал во истражувањето, за „The Guardian“ ја оценил анализата како „одлична“ и ја означил како „голем исчекор“ во однос на постојните докази. Тој појаснил дека трудот укажува дека до 10 отсто од сите предвремени смртни случаи би можеле да се спречат доколку сите луѓе направат мали и реални поместувања, како на пример пет дополнителни минути умерена физичка активност дневно. Додал и дека намалувањето на времето поминато во седење за 30 минути дневно веројатно би довело до помал, но сепак значаен број спречени смртни случаи.
Даниел Бејли, предавач за областа на седентарно однесување и здравје на Универзитетот Брунел во Лондон, кој исто така не бил дел од истражувачкиот тим, истакнал дека особено охрабрувачки наод е токму тоа што само пет минути повеќе умерена физичка активност дневно може да спасат животи. Тој нагласил дека тоа треба да биде остварливо за повеќето луѓе, дури и за оние кои моментално практикуваат многу слаба физичка активност.

Тој објаснил дека умерените активности се оние што нè тераат да дишеме малку побрзо и да се чувствуваме потопло. Како примери ги навел брзото пешачење, домашните работи или градинарењето. За да се намали седењето за 30 минути дневно, дел од тоа време може да се замени со лесни активности, како бавно одење или „шеткање“ низ домот.
Паралелно со тоа, друго истражување објавено во списанието „eClinicalMedicine“ покажало дека комбинација од помали подобрувања во спиењето, физичката активност и исхраната исто така може да биде поврзана со подолг животен век. Како илустрација, авторите наведуваат дека дополнителни пет минути сон, две минути умерена до силна физичка активност – како брзо одење или искачување по скали – и половина порција зеленчук повеќе дневно, би можеле да значат една дополнителна година живот за лица со најлоши навики поврзани со спиењето, физичката активност и исхраната.
Експертите од Универзитетот во Сиднеј собрале податоци за нивото на физичка активност, начинот на исхрана и моделите на сон кај речиси 60.000 учесници во рамки на „UK Biobank“ студијата. Во споредба со лицата кои имале најлоши навики во спиењето, активноста и исхраната, оптималната комбинација на овие однесувања – седум до осум часа сон дневно, повеќе од 40 минути умерена до силна физичка активност дневно и здрава исхрана – била поврзана со речиси една деценија подолг животен век.












