[ФОТО] Автомобилите се продадоа како алва, за становите на Груевски сè уште нема интерес – еве што продаваше Агенцијата за одземен имот на последната аукција

Точка

14/01/2026

17:11

1.639

Големина на фонт

а а а

Последната аукција на Агенцијата за одземен имот, според цените на возилата кои беа понудени, може да се заклучи дека се одвивала успешно.

На веб-страницата на Агенцијата е наведено дека на продажба биле ставени вкупно девет возила – осум автомобили и една полуприколка. За сите возила била понудена повисока цена од почетната, што сугерира дека се продадени, пренесува „Фактор“.

Меѓу автомобилите кои предизвикале најголем интерес се издвојуваат:

• „Audi А4“, кој подолго време стоел на паркинг и бил запуштен, сепак привлекол повеќе купувачи. Почетната цена од 649.300 денари на крајот достигнала 681.300 денари.

• „Mercedes-Benz E250“ – за него била поднесена само една понуда, па почетната цена од 630.000 денари станала и крајна.

• „Volkswagen Passat 2.0“, чија цена од почетните 105.000 денари пораснала на 152.000 денари.

• Уште едно возило од марката „Audi“, продадено за 37.000 денари.


• Комбе „Mercedes-Benz Sprinter“, кое достигнало цена од 158.000 денари.

• Камион „Mercedes PL113 42“, чија почетна цена од 48.000 денари вртоглаво се зголемила на 260.000 денари.

• Автобус, за кој почетната цена од 811.800 денари достигнала 814.800 денари.

Единствено полуприколката не добила ниту една понуда.

Оваа продажба покажува дека интересот бил најголем за моторните возила, додека за недвижностите нема заинтересирани купувачи. Сè уште нема понуди за купување на становите кои ги продава Агенцијата, кои во јавноста се познати како становите на поранешниот премиер Никола Груевски.

Станува збор за три луксузни апартмани со вкупна површина од околу 750 квадратни метри, лоцирани на Водно и со поглед кон Скопје. Првично, нивната проценка изнесувала 2,4 милиони евра, а сега цената е намалена на 1,843 милиони евра. Обвинителството ги третира овие станови како скриен имот на Груевски, а тие беа одземени со пресудата за случајот „Плацеви на Водно“. Ова е втор обид на Агенцијата да ги продаде.


Апартманите, како што се гледа од фотографиите објавени на веб-страницата на Агенцијата, имаат големи балкони со панорамски поглед кон Скопје. И покрај нивниот луксуз и локација, нема заинтересирани купувачи.

Во однос на самиот случај, Груевски првостепено беше осуден на седум години затвор за нелегално купување на плацевите и злоупотреба на партиски донации. Апелацискиот суд ја преиначи пресудата и ја зголеми казната на девет години. Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, тој како лидер на партија прибавил за себе 1,3 милиони евра од донации и ги употребил за купување парцели на Водно.

Аукцијата, со оглед на резултатите кај возилата, се смета за успешна. Сепак, ситуацијата со недвижностите покажува дека јавноста сè уште не е подготвена да инвестира во имотите поврзани со Груевски, и тоа останува предизвик за Агенцијата за одземен имот.