Израелската полиција го прогласи Срулик Ајнхорн, поранешен советник на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, за бегалец и издаде налог за апсење по него. Тој е осомничен за протекување доверливи информации во аферата „Катаргејт“. Ајнхорн беше и долгогодишен советник на српскиот претседател Александар Вучиќ, а според БИРН, по октомври 2023 година посредувал во трансферот на српска муниција во Израел, објавуваат израелските медиуми.
Во Израел, тој е опишан како пропагандист, агент на хаосот, спин доктор и иницијатор на „машината за отров“, а сега е официјално криминалец во бегство.
„Тој ја основа компанијата Insight Partners, која минатата година оствари приход од 2,3 милиони долари, а сега го води својот бизнис од Белград. Исто така, откривме дека тој одиграл значајна улога во трансферот на српска муниција во Израел, за време на воените злосторства што таа земја ги изврши во Газа“, вели новинарот на БИРН, Саша Драгојло.
БИРН минатото лето напиша дека двајца израелски истражители го испрашувале Ајнхорн три дена во Врховното јавно обвинителство во Белград во врска со скандалот „Катаргејт“, случај на платена промоција на катарските интереси во Израел, и „Бибиликс“, случај на протекување на тајни воени документи до новинар од германскиот Билд.
„Србија, што е интересно во овој случај, исто така побара деталите од таа изјава да се чуваат во тајност, а она што го откривме е дека тоа било токму затоа што Ајнхорн зборувал за неговата улога во транспортот на муниција“, вели Драгојло.
Адвокатот на Ајнхорн, Ѓорѓе Симиќ, во тоа време не можеше да обезбеди повеќе информации за БИРН. „За жал, не сум во можност да дадам повеќе информации бидејќи дел од постапката е означен како строго доверлива и затоа не ми е дозволено да дадам повеќе детали“, рече Симиќ.
Ајнхорн работи како советник на Александар Вучиќ со години, барем од 2020 година. Неговата кампања имаше првенствено за цел да го приближи српскиот претседател до Американците за време на мандатот на Џо Бајден, да го претстави како лидер со репутација кој посредува во меѓународни конфликти и да ја промовира Србија како растечка економска сила.
Во исто време, за потребите на Нетанјаху, Ајнхорн беше иницијатор на таканаречената „машина за отров“. Механизмот работи така што Нетанјаху им сугерира на своите соработници кого да нападнат – оние што ги смета за непријатели, како што се опозицијата и демонстрантите.
Потоа, преку ботови и социјални медиуми, се шират гласини, на пример дека демонстрантите се предавници, што создава впечаток за масовно движење кое ги обвинува „внатрешните непријатели“, додека од друга страна, Нетанјаху се величи.












