Алваро Арбелоа ова утро го одработи првиот тренинг како тренер на Реал Мадрид, а главна вест беше отсуството на Килијан Мбапе, како и враќањето на клупска легенда која беше ослободена од Чаби Алонсо.
Мбапе и натаму работи индивидуално поради повредата на коленото и го прескона првиот тренинг со новиот тренер, но вест на денот за мадридските медиуми е кам-бекот на Антонио Пинтус, кондицискиот тренер кој беше отпишан од Алонсо.
Чаби при своето пристигнување во Реал си донесе и свој кондициски тренер и тоа донесе разделба меѓу Реал и Пинтус, но неполни осум месеци подоцна, Италијанецот се враќа на свое место.
Управата на Реал проценила дека големиот број на повреди се должи на недоволно добрата кондициска подготовка во изминатиот период, па сега Пинтус се враќа во улога да биде одговорен за физичката подготовка на првотимците, елемент кој е многу важен во модерниот фудбал.
По крајот на тренингот, закажана е и прва прес-конференција од новиот тренер на Реал, па набрзо се очекуваат и првите најави од Арбелоа како предводник на првиот тим на „кралевите“.






