Денес тешко можеме да замислиме лаптоп потежок од неколку килограми, но првиот „пренослив“ компјутер бил сè, освен лесен.
„Osborne 1“, претставен во 1981 година, се смета за првиот комерцијално успешен пренослив компјутер во светот. Тежел околу 11 килограми и имал вградена рачка за носење, поради што повеќе личел на куфер отколку на денешен лаптоп.
Иако имал многу мал екран, само 64 KB RAM меморија, процесор од 4 MHz и два флопи-диска, „Osborne 1“ им овозможил на корисниците за првпат да го понесат компјутерот со себе.

„Osborne 1“ во почетокот бил исклучително популарен. Во текот на 1982 година биле продадени повеќе од 125.000 компјутери „Osborne“, што за тоа време претставувало голем успех. Веќе следната година, во 1983, компанијата „Osborne Computers“ најавила нов пренослив компјутер компатибилен со „IBM“, под името „Vixen“.
Сепак, конкуренцијата ги престигнала. „Compaq“ прв излегол на пазарот со сопствен IBM-компатибилен пренослив компјутер. По најавата на „Vixen“, продажбата на „Osborne 1“ нагло опаднала, бидејќи купувачите одлучиле да го почекаат новиот модел.

Бидејќи развојот на „Vixen“ бил далеку од завршен, компанијата не успеала да го издржи падот на приходите и набргу банкротирала.
Од овој неуспех произлегол поимот „Osborne ефект“, кој и денес се користи во деловниот свет. Овој израз опишува ситуација во која компанија прерано најавува иден производ, поради што купувачите престануваат да го купуваат постојниот модел, што може сериозно да го загрози бизнисот.

Опишаниот модел го претставува оригиналниот дизајн на „Osborne 1“, со поотворени флопи-дискетни единици, копче „Alpha“ наместо денешниот „Caps Lock“ и црно-бел екран.
Според денешните стандарди бил гломазен и непрактичен, но во своето време претставувал голема технолошка пресвртница и ги поставил темелите за развојот на модерните лаптопи.








