Дали некогаш сте посакале да живеете далеку од сè, во мало, уредено општество во кое секој го познава секого?
Во кое нема криминал, децата безгрижно трчаат каде и да посакаат, храната не се увезува, а сигнал за мобилни телефони речиси и да нема? Оваа, во денешно време малку утописка заедница навистина постои и брои нешто помалку од 300 жители. Точка среде Атлантскиот Океан, активниот вулкан кој го создал островот Тристан да Куња, денес е најизолираното и од цивилизацијата најоддалеченото населено место во светот. Главниот и единствен град на островот се вика „Edinburgh of the Seven Seas“ и по многу нешта навистина е уникатно место.
Најблиското населено место е Кејптаун, оддалечен 2.800 километри
„Edinburgh of the Seven Seas“, во превод „Единбург од седум мориња“, е дел од британските прекуокеански територии, иако од матичната земја е оддалечен речиси десет илјади километри. Најблискиот град е Кејптаун во Јужна Африка. Од него е оддалечен околу 2.800 километри и е поврзан со бродска линија што сообраќа еднаш неделно. Патувањето трае шест дена и претставува единствениот начин да се стигне до островот, со оглед на тоа што Тристан да Куња нема аеродром ниту авионска писта.
Малобројните жители, а според последните податоци ги има околу 275, живеат мирен селски живот. Сите меѓусебно се познаваат и не ги заклучуваат вратите од своите домови, бидејќи криминал не постои.
Поради ерупција на вулкан од 1960-тите целото население на островот било евакуирано
Активниот вулкан на островот последен пат еруптирал во 1961 година. Тогаш британската влада итно ги евакуирала сите жители и ги преселила во Англија. Две години подоцна, кога состојбата се смирила, тие се вратиле на островот и ја обновиле населбата. Со нив тогаш пристигнале и мал број нови жители, кои староседелците ги заинтересирале со приказната за својот мирен и изолиран дом.

Населбата „Edinburgh of the Seven Seas“ ја основал во 1816 година наредникот Вилијам Глас, откако Велика Британија ја анектирала територијата на островот Тристан да Куња. На овој и на неколку околни острови Британија држела воен гарнизон, кој останал таму сè до крајот на Втората светска војна. Местото го добило името по принцот Алфред, војводата од Единбург, во чест на неговата посета на островот во 1867 година.
На островот нема хотели, туку туристите по најавата добиваат сместување кај локални семејства
Како денес изгледа животот на најоддалечениот и најизолираниот остров во светот? На островот има мало пристаниште, црква, училиште и пошта. Имаат еден пат што го поврзува местото со полињата со компири. На островот има малку автомобили, речиси воопшто не се користат, а луѓето по потреба ги превезува минибус наречен „Potato Patches Flier“. Главната стопанска гранка е ловот, одгледувањето и извозот на ракови, познати како тристански јастог. Секое од околу 80 семејства има земја што ја обработува – се одгледуваат различни култури, а најмногу компири.

Интересно е што островот не увезува храна, туку жителите јадат само она што е локално уловено и одгледано. Денес сè повеќе се свртуваат и кон туризмот, но според многу јасно определени правила. Имено на островот нема хотели, ресторани ниту туристичка инфраструктура. Оние што сакаат да го посетат, мора да се најават кај администрацијата на островот, со месеци, а понекогаш и една година однапред. Потоа тие им даваат одобрување и им наоѓаат сместување кај некое од локалните семејства. Сите опции ги навеле на официјалната страница, на која е наведена и е-поштата на која е потребно однапред да се обратите и најавите.
На островот нема сигнал за мобилни телефони, а интернетот е бавен
На островот, ако успеете да стасате до него според овие строги правила, се движите пеш бидејќи сè е блиску и нема потреба од никаков превоз. „Albatross Bar“ е единствениот кафе-бар, односно паб на островот, но има многу флексибилно работно време и тешко е да се потпрете на неговите услуги, како што пишуваат корисниците на социјалните мрежи. Затоа, повеќето посетители јадат во домовите на домаќините кај кои престојуваат. Меѓутоа на островот заборавете на мобилните телефони.

Нема мобилен сигнал, но во поштата постои телефонска говорница. Интернет-сигнал постои и можно е да се користи интернет на компјутер, но тој користи сателитска врска и преносот на податоци е многу бавен. Што значи дека одморот на овој необичен остров навистина претставува одмор од цивилизацијата, технологијата и забрзаното секојдневие што нè окружува.












