[ФОТО] Шок од праисторијата: Стрели стари 60.000 години сè уште носат смртоносен отров, научниците имаат објаснување

Точка

08/01/2026

17:04

618

Големина на фонт

а а а

Древните врвови на стрели пронајдени во Јужна Африка, стари дури 60.000 години, открија долго чувана тајна: тие сè уште носат траги од растителни отрови.

Ова револуционерно откритие ги поместува најраните директни докази за употреба на отровно оружје десетици илјади години наназад, давајќи нов увид во софистицираните техники на лов на нашите предци, пишува „Саенс алерт“ (Science Alert).

Истражувачите открија дека отровот пронајден на стрелите можел да го убие глодар за околу половина час. Се верува дека неговата главна цел била да го забави поголемиот плен, дозволувајќи им на ловците полесно да го следат и совладаат. За споредба, најстарите познати докази за отровни стрели од Африка се стари околу 7.000 години.

Напредна технологија на древните ловци

Меѓународен тим истражувачи од универзитетите во Шведска и Јужна Африка истакнува дека „отровното оружје е белег на напредната технологија на ловците-собирачи“. Покрај тоа што ги обезбедија првите докази за лов на отровни стрели за време на доцниот плеистоцен во Јужна Африка, тие додаваат дека нивните „откритија придонесуваат за разбирање на човековата адаптација и техно-бихевиоралната комплексност за време на фаза на брза, кумулативна иновација во регионот“.


Скриени во музеј со децении

Интересно е што овие древни врвови на стрели биле откриени уште во 1985 година во карпестото засолниште Умхлатузана во покраината Квазулу-Натал во Јужна Африка, но останале неистражени во музејска колекција со децении.

Само неодамна, научниците од Универзитетот во Стокхолм, Универзитетот во Линеус и Универзитетот во Јоханесбург одлучија да анализираат 10 врвови на стрели од таа колекција на кои биле видливи остатоци од непозната супстанца.

Потрага по хемиски траги

Користејќи ја напредната техника на гасна хроматографија-масена спектрометрија, тимот успеа да ги идентификува токсичните соединенија на корените на растението. Ова претставува прв директен доказ за употреба на растителни отрови на ловечко оружје од периодот на плеистоценот. Најверојатниот извор на отровот е растението „boophone disticha“, широко распространето во Јужна Африка, за кое историски е евидентирано дека го користеле локалните народи за производство на отров за лов.

Иако научниците долго време теоретизираат дека древните ловци во Јужна Африка користеле отров, доказите досега беа индиректни. Археологот Свен Исакссон од Универзитетот во Стокхолм, раководител на студијата, и неговиот тим поминале години усовршувајќи техники за извлекување траги од растителни отрови од артефакти. Сега тие ги применија истите методи на примероци кои се стари десетици илјади години.

Анализата конечно даде резултати: на пет од 60.000-годишните врвови на стрели, пронајдени се траги од „буфанидрин“, отровен алкалоид присутен на 250-годишните отровни стрели. Друг токсин, „епибуфанизин“, исто така е идентификуван на еден врв. Како што наведуваат Исаксон и неговите колеги во трудот, таквото откритие „не може да биде случајност“.


Софистицирана стратегија за преживување

Двете соединенија, буфанидрин и епибуфанизин, се наоѓаат во листовите на растението „boophone disticha“. Наоѓањето на остатоци од овие токсини на толку стари артефакти сугерира дека оваа софистицирана стратегија за преживување има исклучително долга историја.

„Бидејќи отровот дејствува хемиски, ловците морале да се потпрат на напредно планирање, апстракција и каузално расудување“, објаснуваат авторите на студијата.

Една од авторките на студијата, Марлиз Ломбард од Универзитетот во Јоханесбург, во својот истражувачки труд минатата година тврди дека е логично да се претпостави дека ловците-собирачи во Јужна Африка користеле отровни стрели пред 60.000 години. Таа истакна дека луѓето во тој регион веќе знаеле и користеле јадливи, лековити и инсектицидни растенија, па затоа познавањето на отровните е само чекор понатаму.

Студијата е објавена во списанието „Саенс адвенсес“.