Гвардиола по третото реми во низа: Проблемот е едноставен

Дерби

08/01/2026

11:11

375

Големина на фонт

а а а

Воведните седум дена во новата 2026-та година не донесоа добри вести за Манчестер Сити, без разлика на тоа што тимот играше добар и допадлив фудбал на сите три натпревари кои беа одиграни во краток временски интервал.

„Граѓаните“ ја завршија 2025-та година со тешка победа над Нотингем Форес, но после тоа следеа три реми средби со Сандерленд, Челси и Брајтон, дуели на кои избраниците на Пеп Гвардиола буквално се изнапромашија.

Сити му прости на Брајтон и испушти повеќе шанси да ја наполни мрежата на гостите, па на крајот мораше да се задоволи со бод кој значи дека Арсенал може да ја зголеми предноста на „плус осум“ на првенствената табела.

– Многу ми се допадна начинот на кој игравме, навистина сум многу задоволен од играта. Имавме доста нови играчи во стартниот тим, но имаше и многу добри работи на теренот.

– Имаме само еден едноставен проблем во овој момент, не постигнуваме голови и имаме лоша реализација. Пропуштивме премногу чисти шанси, а не станува збор само за еден играч, туку за повеќе од офанзивата. Креираме многу шанси, но не ги реализираме, а за жал кога не постигнувате голови, не можете да победите.

– Ако не постигнувате голови, не можете да победувате, а ако не победувате, не можете да мислите на титулата. Имавме извонреден резултат против Нотингем на тежок терен, а потоа одигравме три реми средби. Одигравме извонредно на сите три меча, но не успеавме да постигнеме доволно голови, – изјави Гвардиола.