Барселона го торпедираше Атлетик Билбао во првото полувреме и го реши прашањето околу победникот уште во оваа фаза од мечот, па вториот дел стана чиста рутина, во која баскијците се обидуваа да избегнат катастрофа, а каталонците го намалија темпото.
Четирите голови од првиот дел беа доволни за да се оствари убедлива победа, а конечните 5:0 беа остварени во ситуација кога Ламин Јамал не беше на теренот.
Младата ѕвезда на Барселона не се најде во стартниот тим и тоа беше големо изненадување од Ханси Флик, кој по средбата обелодени дека не станува збор за повреда и влошување на пубалгијата, туку за стомачен проблем кој му создавал немир на крилниот напаѓач.
– Јамал имаше проблеми изминатите неколку дена. Не можеше да тренира како што треба и поради тоа остана на клупата за резерви на стартот на мечот. Не станува збор за никаква повреда, или обновување на проблем. Имаше стомачни проблеми и затоа го искориствме од клупата, – изјави Флик, кој секако беше презадоволен од победата и пласманот во финалето во Суперкупот.
– Навистина го ценам начинот на кој се претставивме и како изгледавме на теренот. Имавме јасен менталитет од првиот момент, се браневме и напаѓавме како тим. Многу сум среќен за головите кои ги постигнавме брзо, тоа ни донесе леснотија со која потоа го контролиравме мечот. Добро е што сме конкурентни, но ова беше само еден натпревар и не треба да застанеме тука, – посочи Германецот.






