Британскиот актер Роуан Аткинсон во вторникот го прослави својот 71-ви роденден, а покрај култните улоги на Мистер Бин и Џони Инглиш, неговиот живот е исполнет со низа прилично необични и интересни факти за кои многумина не знаеле.
Од растење во малото место Консет во Англија, тој стана глобална икона на комедијата и на светот му подари незаборавни ликови од познати филмови и серии.
Обожавателите го препознаваат по уникатните гримаси и љубовта кон брзите автомобили, но неговиот живот е полн со изненадувања и чудни ситници за кои можеби не сте слушнале.

Роуан бил најмладиот од четири момчиња и бил испратен во два интернати. Прво ја посетувал истата подготвителна школа како и поранешниот премиер на Велика Британија, Тони Блер, под името „Durham Choristers“.
Во училиштето пристигнал на 11-годишна возраст, додека Тони имал 13 години, и се сметало дека бил примерен ученик. Поранешниот директор на училиштето, Канон Џон Гроув, наводно изјавил дека тие две момчиња биле како „небо и земја“.
Според „Independent“, тој рекол: „Роуан беше срамежлив, со благо пелтечење и малку гумено лице, слично на ова што го има и денес. Тони беше друштвен. Ако ви требаше волонтер, тој беше момчето кое секогаш ја креваше раката“.
Потоа, Роуан го посетувал средното училиште „St. Bees“ во Западна Камбрија, каде што постигнал одличен успех во природните науки. Иако многумина го знаат како човек кој секогаш измамува насмевка на лицата на луѓето, комедијата и глумата не биле неговиот првичен план.

Следејќи ги чекорите на својот татко, стекнал звање магистер по електротехника на Универзитетот во Њукасл. Подоцна започнал докторски студии на Универзитетот во Оксфорд, каде што ја открил својата љубов кон изведувачката уметност.
Таму го запознал и креаторот на филмот „Four Weddings and a Funeral“, во кој накратко се појавил, а бил и коавтор на омилениот ситком „Blackadder“.
Тој е склон кон избегнување на вниманието од јавноста, а поради пелтечењето избегнува бројни интервјуа. Сепак, открил дека пелтечењето многу помалку го мачи додека е на сцена.
За магазинот „Time“ изјавил: „Доаѓа и поминува. Зависи од моите нерви, но може да биде проблем. Забележувам дека кога глумам некој друг лик, а не самиот себе, пелтечењето исчезнува. Тоа можеби беше една од моите инспирации за кариерата што ја избрав“.

Во 2001 година, Роуан успеал да ги спаси животите на својата сопруга и на нивните две деца, кога пилотот на нивниот приватен авион се онесвестил. Неговата тогашна сопруга, Сунетра Састри, и децата Бен и Лили биле на одмор во Кенија. Семејството било превезувано од Укунда до Најроби со лесен авион „Цесна 202“.
Меѓутоа, катастрофата се случила 45 минути по почетокот на летот, кога пилотот ја изгубил свеста. Додека семејството се обидувало да го освести, Роуан, кој никогаш претходно не управувал авион, бил принуден да ги преземе командите.
За среќа на сите во авионот, пилотот се освестил пред да биде неопходно принудно слетување. Тој повторно ги презел контролите и безбедно го спуштил авионот на земја.

Аткинсон е опседнат со автомобили и дури пишувал за списание посветено на нив, а во филмот „Johnny English“ го користел својот сопствен „Aston Martin“.
Култната серија „Mr. Bean“ првично не требало да го носи тој назив. Првото име било „Mr. White“, потоа креаторите предложиле назив по зеленчук, па било променето во „Mr. Cauliflower“ („Господин Карфиол“), за на крај да биде избрано името „Mr. Bean“.
Роуан Аткинсон е и пријател на британското кралско семејство и има особено блиска врска со кралот Чарлс. Актерот присуствувал на неколку приватни настани организирани од монархот и бил меѓу ексклузивните гости кои присуствувале на неговата венчавка со кралицата Камила.

Тој бил и дел од прославата на 60-от роденден на кралот, одржана во неговата приватна резиденција Хајгроув Гарденс. Во 2013 година бил именуван за командант на Редот на Британската империја.
Интересно е што своето трето дете го доби на 62-годишна возраст. Партнерката на комичарската легенда, актерката Луиз Форд (45), во декември 2017 година ја роди нивната ќерка Исла.
Актерот веќе има две возрасни деца, синот Бен (32) и ќерката Лили (30), од 24-годишниот брак со шминкерката на „BBC“, Сунетра Састри.















