[ФОТО/ВИДЕО] Овој град изгледа како да е изграден од медени колачи: Пред 80 години бил срамнет со земја, а денес е еден од најубавите во Европа

Точка

05/01/2026

20:52

2.006

Големина на фонт

а а а

Гдањск е полски град што плени со својата необична архитектура, а во зимскиот период добива речиси бајковит изглед. Зад шармот што денес ги воодушевува посетителите се крие приказна што започнува во средината на 20. век, пишува „Путни кофер“.

Погледот одозгора на тесните и високи куќи со фасади во различни бои, особено кога покривите се покриени со снег, делува нереално убаво. Во зима, кога улиците се осветлени со празнична светлина, Гдањск изгледа како град од медени колачиња. Токму затоа многумина го сметаат за најубавиот град во Полска и еден од највпечатливите во Европа. Иако е привлечен во текот на целата година, зимата му дава посебна магија.

Град на крстопатот на историјата

Гдањск се наоѓа на северот на Полска, на брегот на Балтичкото Море, што значително придонесува за неговата специфична атмосфера. Со историја долга повеќе од илјада години, градот отсекогаш бил место на средба на трговски патишта, култури и различни влијанија. Благодарение на својата положба, тој станал едно од најважните трговски средишта во северна Европа и значајна лука на Ханзеатскиот сојуз.


Иако историјата му е долга, денешниот изглед на градот не е наследство од далечното минато. Напротив, архитектурата што денес го дефинира Гдањск е резултат на обновата по Втората светска војна.


Разурнат и повторно создаден

Поради стратешката положба, Гдањск бил силно погоден во Втората светска војна. До 1945 година, околу 90 проценти од градот биле уништени, што наметнало потреба од речиси целосна повторна изградба.


Пред војната, во градот доминирала строга пруска архитектура. По разурнувањата, полските архитекти донеле свесна одлука да тргнат по поинаков пат. Наместо обнова според старите планови, како што било направено во Варшава, Гдањск бил обликуван со нова естетика. Избран бил стилот на холандскиот маниризам, со поразиграни фасади, побогати декоративни елементи и понагласена визуелна раскош. Така бил создаден градот што денес го препознаваме.

Адвентска магија на Балтикот

Во декември, Гдањск е домаќин на еден од најпознатите адвентски саеми во Европа. Старото градско јадро е украсено со илјадници светилки и празнични украси, а атмосферата е жива и топла и покрај зимскиот студ. За панорамски поглед врз градот, не е потребна воздушна снимка – доволно е да се искачите на кулата на Црквата „Света Марија“. Иако ве очекуваат 408 скали, погледот од врвот целосно го оправдува напорот.


Што да се посети во „градот од медени колачиња“?

Разгледувањето најчесто започнува во центарот, каде одблизу може да се почувствува духот на градот. Долгата улица и Долгиот плоштад претставуваат една од најубавите урбани целини во Европа, исполнета со внимателно обновени куќи и впечатливи архитектонски детали.


Меѓу најпрепознатливите знаменитости е Фонтаната на Нептун од 17 век, симбол на поморската традиција на градот. Посебен шарм има и Улицата Мариацка, со камени скали, украсни огради и мали дуќани, која важи за една од најромантичните во градот.


Задолжителни се и посетата на Црквата „Света Марија“, старото пристаниште со историската кран-дизалица, како и бројните мали кафулиња и плоштади што во декември се исполнети со живот. Од музеите, особено се издвојуваат Музејот на Втората светска војна, Музејот на поштата и Музејот на килибарот.


Ако барате зимска дестинација што нуди историја, архитектура и празнична атмосфера, Гдањск е избор што ретко разочарува.