[ФОТО] Овој остров сè уште не го прославил Божиќ! Тука времето доцни 13 дена и со векови одбива да се прилагоди на остатокот од Европа

Точка

05/01/2026

17:52

1.202

Големина на фонт

а а а

Остров толку изолиран, токму како да се наоѓа на самиот раб на светот, а сепак доволно близу до цивилизацијата. Можеби звучи парадоксално, но ова е всушност совршен опис на волшебната Фоула, сместена во шкотскиот архипелаг Шетланд.

Тоа е еден од најоддалечените постојано населени острови на Обединетото Кралство, се простира на само пет квадратни километри и има пет препознатливи врвови, а еден од нив, прочуениот Да Каме (378 метри), истовремено е и највисоката стрмна морска карпа во цела Велика Британија.

На островот нема јавен превоз, а до него може да се дојде и со 15-минутен лет

До таинствената Фоула може да се стигне со траект, кој плови три пати неделно, а патувањето трае 2 часа и 15 минути. Постојат и редовни 15-минутни летови на компанијата „Airtask“ од аеродромот Тингвал, сместен близу шкотскиот град Леруик, но имајте предвид дека и воздушниот и морскиот превоз многу зависат од времето.


На островот нема јавен превоз, но локалното население ќе ви обезбеди превоз до и од аеродромот и пристаништата за бродови. Таму нема ниту продавници со мешана стока, ниту пабови; постои само училиште, а целиот остров има свој систем за електрична енергија, кој ја добива преку хибридна комбинација од ветерници, хидрогенератори, соларни панели и батерии.

Жителите на Фоула долго време го изговарале денес изумрениот викиншки јазик

Поради својата оддалечена локација, се верува дека Фоула подолго време постоела речиси како самостојна целина. Тоа било едно од последните места на Шетланд каде се зборувал стариот норн, изумрен западно-скандинавски, односно викншки јазик. Само во 15. век, откако Шкотите го презеле Шетланд, Фоула станала дел од западношетландскиот имот.


Денес на овој остров живеат околу 30 луѓе, кои својот дом го делат со илјадници птици, стотици издржливи и шарени овци и шетландски пони. Според историските податоци, Фоула била населена уште во железното и бронзеното доба, а Нордijците ја освоиле околу 800 година по Христа.

Сите за празниците се собираат во иста куќа, разменувајќи подароци и честитки

Самото име Фоула потекнува од старонордискиот збор „Fugla-ey“, што во буквален превод значи „остров на птици“. Овој шкотски бисер е специфичен и по својот календар. Имено, дури и кога остатокот од Велика Британија далечната 1752 година го усвоил грегоријанскиот календар, Фоула продолжила цврсто да се држи до древниот јулијански календар. Тоа значи дека 30-темина островјани Божиќ го слават на 6, а Новата година на 13 јануари! Тогаш сите традиционално се собираат во една куќа, каде разменуваат пригодни подароци и честитки.


Сите жители на Фоула функционираат како една голема фамилија, особено во зимскиот период. Опкружени со суровиот, моќен и непредвидлив Атлантик, во 1960 година биле отсечени од копното дури 77 дена! Духот на заедништво таму е апсолутно неопходен, сите си помагаат меѓусебно, а кавгите и ситните несогласувања се решаваат и забораваат со светлосна брзина.

Фармите се полни со шетландски понија и овци, повеќе се тие отколку луѓето

Што се однесува до туризмот, на Фоула, која поради својата изолираност успеала да ги зачува силните нордиски традиции, постојат само два пансиони и неколку кампови кои им нудат скромен сместувачки капацитет на посетителите. Островот главно го посетуваат љубителите на набљудување птици, но полека го откриваат и оние кои едноставно сакаат да уживаат во недопрената природа.


Повеќето населби се наоѓаат на источната страна на Фоула, која е прилично добро заштитена од силните ветрови што дуваат од северниот Атлантик. Бројни фарми се опкружени со тресетливи мочуришта по кои „патролираат“ шетландските понија и домашните овци, кои се важен дел од економијата на островот, а жителите се целосно посветени на зачувувањето на ова автохтоно стадо. Долготрајната забрана за увоз значи дека на Фоула немало крстосување на овци, за разлика од другите делови на прекрасниот архипелаг Шетланд.

„Кралицата на океанот“ се насукала на опасни гребени многу блиску до Фуола

Близу островот ќе најдете и бројни остатоци од бродови. Еден од нив е „RMS Oceanic“, кој бил во сопственост на компанијата „White Star Line“, која го создала и легендарниот Титаник.


Поставена на вода во 1899 година, оваа „Кралица на океанот“ била повикана во морнарицата кратко по избувнувањето на Првата светска војна, но само две недели од своето прво патување, заглавила на опасни и добро сокриени рифови недалеку од Фоула.