[ФОТО] Ентони Џошуа се огласи првпат по трагичната несреќа: Објави фотографија со загинатиот пријател и упати потресни зборови

Точка

05/01/2026

12:16

868

Големина на фонт

а а а

Прославениот британски боксер Ентони Џошуа, за жал, 2025 година нема да ја памети по убаво. Иако само две недели пред нејзиниот крај оствари голема победа против Џејк Пол и инкасираше огромна сума пари, славјето траеше кратко. Само неколку дена подоцна, Џошуа доживеа една од најтешките трагедии во својот живот, која фрли сенка врз сите негови спортски успеси.

За време на туристички престој во Нигерија, Џошуа во сообраќајна несреќа остана без две исклучително блиски личности. Во несреќата животот го загубија Латиф Ајоделе, тренер кој беше дел од неговиот стручен штаб, како и Сина Гами, долгогодишен кондициски тренер и човек кој со години беше покрај Џошуа во најважните моменти од неговата кариера. Несреќата ја преживеале самиот боксер и возачот Аденији Моболажи Кајоде, кој се товари за предизвикување смрт со опасно возење, како и за повеќе сообраќајни прекршоци.

Според првичните информации од истрагата, возилото се движело со неприспособена и прекумерна брзина, поради што дошло до пукање на гумата, а потоа и до судир со камион кој бил застанат покрај патот. Ентони Џошуа по несреќата итно бил хоспитализиран, се здобил со повреди, но на последниот ден од 2025 година бил пуштен од болница. Речиси веднаш потоа се вратил во Велика Британија, за да побара утеха во кругот на семејството, но и кај семејствата на трагично загинатите пријатели.


Долго време не се огласуваше во јавноста, сè до денес, кога со емотивна порака им се обрати на фановите преку социјалните мрежи. Објави фотографија на која седи со неколку блиски лица, а во кадарот се наоѓа и врамена фотографија од покојниот Сина Гами. Дополнително, сподели и посебна фотографија со Латиф Ајоделе, со кратка, но силна порака:

„My Brother’s Keeper“ – напиша Џошуа.