Седумкратниот светски шампион во Формула 1, Михаел Шумахер, во саботата на 3 јануари наполни 57 години. По тој повод се огласи неговата ќерка Џина-Марија (29), која на „Instagram“ објави семејна фотографија што досега не ѝ била позната на јавноста.
На фотографијата се гледа насмеаниот Михаел Шумахер со сопругата Корина, ќерката Џина-Марија и синот Мик, кој подоцна тргна по стапките на татка си и исто така стана возач во Формула 1. „Најдобриот засекогаш, среќен роденден тато“, напиша Џина-Марија под објавената фотографија.
За многумина, Шумахер и понатаму останува најдобриот возач во историјата на Формула 1, а по неговата скијачка несреќа на француските Алпи на 29 декември 2013 година, многу малку се знае за неговата здравствена состојба. Вистинската состојба ја знаат само неговото семејство и неколку најблиски пријатели.
Му недостасува братот
„Ми недостасува ’стариот‘ Михаел. Животот понекогаш не е фер. Михаел имаше многу среќа, а потоа се случи таа страшна несреќа. Медицината многу напредуваше, но ништо не е како што беше. Тоа што му се случи на Михаел силно влијаеше врз мене“, раскажа неодамна братот на Михаел, Ралф Шумахер.
За поранешниот возач на „Benetton“, „Ferrari“ и „Mercedes“ се огласи и неговиот пријател Ричард Хопкинс, поранешен оперативен директор на „Red Bull“.
„Мислам дека повеќе никогаш нема да го видиме Михаел. Малку ми е непријатно да зборувам за неговата состојба, бидејќи семејството, од оправдани причини, е многу таинствено“, изјави Хопкинс.
Скапа медицинска грижа
„Така сака семејството. Мислам дека тоа е фер и со почит кон семејството. Дури и да знаев нешто, семејството би било разочарано ако споделам било што. Колку што знам, има фински лекар, личен доктор. Јас можам да коментирам, да кажам некое мислење, но не сум во тој најтесен круг пријатели. Не сум Жан Тод, не сум Рос Браун или Герхард Бергер, кои го посетуваат Михаел“, додаде Хопкинс.
Шумахер во текот на големата кариера, во која возеше за „Jordan“, „Benetton“, „Ferrari“ и „Mercedes“, освои седум титули и забележа 91 победа на Гран при трки. Последната титула ја освои во 2004 година. По тешката скијачка несреќа, неговото семејство му обезбеди најдобра можна медицинска грижа, која на годишно ниво ги чини околу два милиони долари.












