Возачот на Формула 1 Пјер Гасли на необичен начин му оддаде почит на Михаел Шумахер на неговиот роденден.
Германскиот возач е еден од најдобрите во историјата, роден е на 3 јануари, а пред 12 години, само неколку дена претходно – на 29 декември – доживеа тешка скијачка несреќа во француските Алпи.
Возачот на Формула 1 Пјер Гасли на чуден начин му оддаде почит на легендарниот Германец, доколку тоа навистина му била намерата. Возачот на „Alpine“ замина во француските Алпи и се облече идентично како Михаел Шумахер во моментот на несреќата – со црвена јакна од „Ferrari“, црни панталони и со логото на спонзорот, компанијата „Marlboro“. Гасли објави неколку фотографии, а на овој начин, веројатно, сакал да му го честита роденденот. Сепак, во описот напиша само „снежен рај“.

И покрај тоа, неговиот потег не им се допадна ниту на неговите, ниту на фановите на Шумахер. Во коментарите пишуваат дека ја промашил поентата и дека вакво нешто не смеел да објави токму на денот на роденденот на Шумахер, како и дека датумот е целосно погрешен за носење ваква јакна.

„Погрешен момент“, „Ова е непочитување“, „Погрешен избор е баш денес да ја носиш таа јакна“, „Не на роденденот на Михаел“, „Што? Ова го објави на неговиот роденден“ – се само дел од коментарите на разгневените навивачи на социјалните мрежи.












