Намалете ги шансите да заболите од овие респираторни инфекции и погрижете се да не ги пренесете на други.
Можеби не можете целосно да спречите да добиете настинка или грип, но можете значително да ги намалите шансите и да ја намалите веројатноста болеста да помине во потешка форма доколку сепак се разболите. Добро познатите совети за зачувување на здравјето истовремено ги штитат и другите, со тоа што го намалуваат ширењето на овие болести.
Вакцинирајте се против грип
„Најдобриот начин да се намали ризикот од сезонски грип и неговите потенцијално сериозни компликации е секоја година да се прими вакцина“, наведува американскиот Центар за контрола и превенција на болести – „CDC“.
Многу здравствени професионалци, меѓу кои и специјалистот за инфективни болести Стивен Гордон и клиничкиот фармацевт за инфективни болести Кејтлин Ривард од „Cleveland Clinic“, велат дека најдобро време за вакцинација е во септември или октомври, кога во Северна Америка обично стануваат достапни новите годишни вакцини. Но, ако сте го пропуштиле тој период, нема причина за грижа – второто најдобро време е „сега“.
Елена Дискин и Лиса Солот, респираторни специјалисти во „Virginia Department of Health“, како и Кристи Греј, директорка на Одделот за имунизација таму, се согласуваат дека сè уште има време за годишната вакцина против грип. „Сезоната трае од октомври до крајот на април“, напишаа тие во е-пошта, додавајќи дека „најголема активност на грип обично гледаме во јануари и февруари“. Значи, и натаму има смисла да се вакцинирате ако сè уште не сте го направиле тоа.

Вакцините против грип не можат да ви предизвикаат грип
Иако е можно по примањето вакцина да се почувствувате малаксано, од неа не можете да добиете грип. Во информациите за јавно здравје за вакцините против грип, последно ажурирани во 2024 година, „CDC“ потврдува дека „вакцините против грип не можат да предизвикаат заболување од грип. Вакцините што се даваат со инјекција се направени или од инактивирани (умртвени) вируси, или содржат само еден протеин од вирусот на инфлуенца“. Назалната вакцина, која е наменета за лица од 2 до 49 години и која во некои случаи може да се примени и дома, „содржи живи вируси кои се ослабени, така што не можат да предизвикаат болест“, според „CDC“.
Потребни се до две недели вакцината целосно да делува. Тоа значи дека, ако сте биле изложени на вирусот непосредно пред или во првите две недели по вакцинацијата, може да се разболите, но тоа нема да биде поради вакцината.
Вакцините против грип се многу ефикасни во спречување на тешка болест
Вакцината против грип се менува секоја година, во зависност од тоа кои соеви експертите очекуваат да бидат најзастапени. Иако не е совршена заштита, таа е многу ефикасна во спречување на тешки форми на болеста. На пример, во сезоната 2024 – 2025, вакцините против грип биле 56 проценти ефикасни – највисока стапка во речиси 15 години.
„Ефективноста на вакцината се мери со споредување на зачестеноста на здравствените исходи (како симптоматска болест, хоспитализација или смрт) кај вакцинирани и невакцинирани лица во реални услови“, велат Дискин, Солот и Греј од „Virginia Department of Health“. Ефективноста се разликува од ефикасноста, која се мери во контролирани клинички испитувања.
„Со едноставни зборови, [ефективноста на вакцината] опишува колку е помала веројатноста вакцинирано лице да се разболи во споредба со невакцинирано, врз основа на податоци од реалниот свет“, вели Сај Паритала, доцент на „University of Nebraska Medical Center College of Public Health“ и поранешен епидемиолог.
„За грип, ’CDC‘ обично ја проценува ефективноста на вакцината споредувајќи колку луѓе што побарале медицинска помош поради симптоми слични на грип тестирале позитивно на инфлуенца меѓу вакцинираните и невакцинираните. Ако ефективноста е пријавена како 50 проценти, тоа значи дека вакцинираните имале околу двојно помал ризик да им биде потребна медицинска помош во таа сезона“, објаснува Паритала.

Мијте ги рацете и избегнувајте болни лица
Освен вакцинацијата против грип, можете да преземете и низа едноставни мерки за да ги намалите шансите да се заразите со грип или други болести, вклучително и ковид, РСВ и обичната настинка.
Една од најлесните мерки е редовно миење на рацете со сапун и вода. Исто така, избегнувајте да го допирате лицето.
Друга едноставна работа е да се држите подалеку од болни луѓе. Секако, секој треба да ги процени сопствените ризици и да одлучи какви компромиси се прифатливи, бидејќи целосно избегнување болни лица е речиси невозможно. Но, и тука може да се делува: охрабрувајте ги колегите да останат дома кога се болни и бидете добар пример со тоа што и самите ќе го правите истото. Размислете да носите заштитна маска на јавни места или да имате маска во џеб или торба, за да ја ставите ако слушнете луѓе како кашлаат. Ако поканувате луѓе на друштвен настан, можете и љубезно да напоменете дека нема да се навредите ако откажат поради тоа што тие или нивните деца се болни.
Останете дома, кашлајте во лактот и одржувајте хигиена
Останувањето дома кога сте болни не е само прашање на личен пример. Тоа помага да се забави ширењето на вирусите. Кога има помалку вируси што циркулираат во вашата средина, сите во заедницата имаат помала веројатност да се разболат.
Кашлајте и кивајте во свиокот на лактот, наместо во дланката, бидејќи внатрешниот дел од лактот не ги пренесува микробите на други површини толку лесно како рацете.
Иако ваквиот начин на кашлање и кивање го намалува ширењето на микробите, сепак е важно редовно да се чистат површините што често се допираат, особено ако некој во домот е болен. Користете средство за чистење соодветно за секоја површина. Не заборавајте да ги избришете не само кваките и прекинувачите за светло, туку и предметите што често се користат, како телефони, тастатури, далечински управувачи и допирните точки во автомобилот.

Дали треба да користите прочистувач на воздух?
Засега, во научната заедница нема јасни докази дека прочистувачите на воздух го намалуваат ширењето на респираторни инфекции во реални услови. Сепак, домашните прочистувачи имаат и други придобивки, вели Паритала. „Тие го подобруваат квалитетот на воздухот во затворен простор и можат да отстранат алергени, чад и други иританси. Од теоретска гледна точка, намалувањето на честичките во воздухот би можело да го намали ризикот од изложеност, особено во слабо проветрени простории или кога некој во домаќинството е болен.“
Затоа, прочистувачите на воздух гледајте ги како дополнување, а не како замена за докажаните мерки, вели Паритала, „како вакцинацијата, останувањето дома кога сте болни, носењето маска кога е соодветно и подобрувањето на вентилацијата“.
Не постои сигурен начин целосно да се спречи грипот и ниту една превентивна мерка не е совршена. Затоа, најголема корист ќе имате ако ги комбинирате сите овие напори за намалување на ризикот.














