По денешните напади на Соединетите Американски Држави врз Венецуела, американскиот претседател Доналд Трамп се огласил и порачал дека претседателот на оваа јужноамериканска држава, Николас Мадуро е „заробен и исфрлен од земјата“.
Како што напишал Трамп на својата социјална мрежа „Truth Social“, со Мадуро е и „заробена и исфрлена“ и неговата сопруга Силија Флорес.
Потпретседателката на Венецуела, Делси Родригез, изјавила дека Владата не знае каде се наоѓаат претседателот и првата дама.
Кој е жената на Николас Мадуро?
Иако обично е во сенка, оваа вест повторно ја става Силија Флорес во фокусот на јавноста, животната сопатничка на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, која била далеку помоќна политичка фигура отколку што тоа обично е случај со првите дами.

Силија е родена на 15 октомври 1956 година во Тинакиљо, гратче на северозападот од Венецуела, како најмладо од шест деца. Како што пишувале медиумите, таа пораснала во тешка сиромаштија, во колиба од кал и со гола земја наместо под.
Нејзиниот татко бил патувачки трговец, а семејството со текот на времето се преселило во Каракас, главниот град на Венецуела, каде што имало повеќе можности неговите деца да постигнат нешто во животот.

Токму во Каракас Силија завршила кривично право и почнала да гради адвокатска кариера, а нејзиното име станало добро познато во латиноамериканската јавност кога била адвокатка на Уго Чавес, по што напредувала до позицијата главна обвинителка на Венецуела.

Некои ја нарекле „лејди Магбет“, а таа себеси се нарекува „прва револуционерна воинка“.
Како помлада, не била претерано заинтересирана за политика, а работела и во полициска станица, каде што ги запишувала изјавите.
Се омажила за своето долгогодишно момче, детективот Валтер Гавидија Родригез, со кого добила тројца синови. Откако дипломирала, најголемиот дел од следната деценија работела во една приватна фирма како адвокатка.
Политичко будење
Меѓутоа, во 1989 година, по низа немири во Каракас, поттикнати од зголемувањето на цената на горивото, таа се заинтересирала за политика и посакала да учествува во политичкиот живот на Венецуела.

Како што подоцна објаснила, тој момент бил нејзиниот „револуционерен повик“, пренесе Ројтерс.
Освен тоа, наводно била очајно вљубена во Уго Чавез и со спреј го испишувала неговото име низ градот. Му испратила писмо во кое му понудила помош во неговата правна одбрана, што Чавез го прифатил.
Покрај тоа што била негова адвокатка, Силија Флорес станала и советничка на Чавез и одговарала на писмата од неговите поддржувачи.

Додека била претседателка на Политичката команда за време на Боливарската револуција, се вклучила и во работата на Тактичката команда за револуцијата, организација која управувала со поголемиот дел од политичката машинерија на Чавез.
Неколку дена пред обидот за државен удар во Венецуела во 2002 година, Флорес, заедно со Гиљермо Гарсија Понс и Фреди Бернал, споделила планови за користење на Боливарските кругови како паравоена сила за да стават крај на протестите на опозицијата и да се одбрани Чавез во палатата Мирафлорес, организирајќи ги во бригади.

Таа била избрана во 2000 година за пратеничка во Националното собрание. Како членка на Обединетата социјалистичка партија на Венецуела, во 2006 година го заменила Мадуро на функцијата претседател на Собранието, откако тој бил именуван за министер за надворешни работи. Така станала првата жена именувана за претседателка на Собранието.
Потоа, од 2012 година до моментот кога Мадуро станал претседател на државата, била главна државна обвинителка.
Љубовта со Мадуро
По влегувањето во политиката, Силија Флорес се сретнала со синдикален лидер кој, исто така, го советувал Уго Чавес. Тоа бил Николас Мадуро.
Години подоцна, Мадуро ја опишал како личност со „огнен карактер“.

Според пишувањата на медиумите, тие ја започнале врската уште на почетокот од 90-тите, наводно додека и двајцата биле во процес на развод од своите сопружници. Силија тогаш се разделила од детективот Родригез, додека Мадуро се развел од Адријана Гера Анхуло, со која има син - Николасито.
Набргу потоа повеќе не криеле дека се пар, но се венчале дури во 2013 година, откако тој станал претседател на Венецуела.
Моќна и контроверзна фигура
Госпоѓата Флорес Мадуро често била обвинувана за непотизам, бидејќи многу членови од нејзиното семејство се вработиле во Собранието за време на нејзиниот претседателски мандат. Наводно, дури 16 блиски роднини на Силија добиле важни функции, а таа на тие обвинувања одговорила дека се дел од негативна кампања против неа.
Меѓутоа во 2012 година сите останале без работа, иако веќе следната година некои од нив добиле позиции во Владата.

Во тој момент, како прва дама, Силија повторно се нашла во центарот на контроверзии во 2015 година, кога нејзините внуци Ефраин Антонио Кампос Флорес и Франсиско Флорес де Фреитас биле уапсени на Хаити, при обид да пренесат 800 килограми кокаин во Њујорк. Кампос, откако го привела американската ДЕА, тврдел дека е посинок на Николас Мадуро и дека пораснал во домот на претседателот на Венецуела.
Во 2017 година внуците на Силија биле осудени на 18 години затвор.
На првата дама на Венецуела повеќе земји ѝ вовеле санкции, а ѝ бил забранет и влез во соседна Колумбија. Нејзиното име се наоѓа на список од 200 луѓе кои се во близок однос со Мадуро или го поддржуваат неговиот режим, поради што не им е дозволено да стапнат на колумбиска територија.

Санкции ѝ вовела и Канада во 2018 година, поради „економската, политичката и хуманитарната криза во Венецуела, која се приближува кон целосна диктатура“, како и Панама истата година. Оваа држава санкционирала и компании чии управни одбори имаат членови од семејството на Силија Флорес, од кои некои се обвинети за перење пари.
Министерството за финансии на САД запленило приватен авион и вовело санкции кон најтесниот круг луѓе околу Мадуро, исто така во 2018 година, а претседателот на Венецуела тогаш се огласил во одбрана на сопругата.
„Не задевајте се со Силија! Не задевајте се со семејството. Не бидете кукавици. Нејзиниот единствен „злостор“ е тоа што е моја жена“ порачал Мадуро.















