Иако за многумина скијањето во пустина е прилично незамисливо, на северозападот од Кина, на работ од пустината Такламакан, ски-центарот од 2020 година спојува навидум неспоиво и привлекува посетители.
Сместено во градот Хотан, во автономната регија Синџијанг-Ујгур на северозападот од Кина и на јужниот раб од пустината Такламакан, скијалиштето ги искористило природните падини на пустината и напредната технологија за вештачко заснежување за да создаде уникатно искуство на „пустински снег“.


Хотан сега му дава приоритет на растот на секторот на зимски туризам, комбинирајќи спортски активности со забава, ја проширува својата понуда и го подобрува вкупното портфолио на сезонски туристички производи, со цел на посетителите да им понуди повеќе начини за уживање во зимските месеци.

„Скијам тука откако овој ски-центар беше отворен во 2020 година и се враќам секоја година. Навистина никогаш не сум замислувал дека ќе можам да доживеам скијање токму на работ од пустината во мојот роден град. Навистина сум воодушевен и возбуден. Кога ќе ги подобрам своите вештини, се надевам дека тука ќе станам инструктор и ќе заработувам за живот веднаш до мојот дом“, изјавил еден од посетителите.

Директорот на скијалиштето истакнал дека снегот е еден од предизвиците со кои се соочуваат: „Нашиот ресорт се наоѓа токму на работ од пустината. Со оглед на малите природни снежни врнежи во јужен Синџијанг, правењето снег е нашиот најголем предизвик. Моментално имаме осум машини за снег, а владата обезбеди значајна политичка поддршка. Очекуваме да угостиме над 50.000 посетители во сезоната 2025 – 2026“.

Низ јужен Синџијанг, неколку ски-дестинации оваа сезона ги пречекале гостите. Во округот Шуле, Кашгар, седмиот годишен фестивал на мраз и снег започнал во скијалиштето Јапуќуан Џиангшан, со активности како штафетни трки и влечење јаже на снежните полиња.









