Бугарија и понатаму е меѓу земјите со највисок процент на консумирање алкохол во Европа и на глобално ниво, покажуваат најновите податоци на Светската здравствена организација (СЗО), пренесоа вчера локалните медиуми.
Како што наведува СЗО, просечниот жител на Бугарија постар од 15 години годишно консумира 11,2 литри чист алкохол, пренесе „Novinite“.
Анализата на Институтот за пазарна економија истовремено покажува дека во рамките на таа количина најмногу се консумираат жестоки пијалаци (5,1 литар), а потоа следуваат пивото со 4,7 литри и виното со 1,2 литра.
Како што се наведува, тоа значи дека просечниот жител на Бугарија испива шише пиво и по една чашка жесток пијалак секој втор ден, а чаша вино на секои четири дена.

Процентот на консумирање алкохол веројатно е уште повисок, бидејќи во овие статистички податоци не е опфатен алкохолот од домашно производство, што сè уште е распространета практика во Бугарија, пренесе „Novinite“.
Истовремено, СЗО предвидува дека во 2025 година околу 9,1 отсто од жителите на Бугарија постари од 15 години може да се сметаат за хронични алкохоличари.
Оваа категорија опфаќа лица кои консумираат повеќе од 60 милилитри чист алкохол дневно, односно 1,2 литра пиво, половина литар вино или 150 милилитри жестоки пијалаци.
Како што покажуваат податоците, кај мажите процентот на алкохоличари се проценува на околу 16,6 отсто, додека кај жените е значително понизок и изнесува 2,1 отсто.







