„Тато, те молам спаси ги!“ – девојчиња фатени за решетки се бореле за воздух: Потресно сведочење на судењето за пожарот во „Пулс“

A1ON.MK

25/12/2025

15:46

1.142

Големина на фонт

а а а

На денешното судење за пожарот во дискотеката „Пулс“ сведочеше, Дејан Николов, сопственик на авто-лимарски сервис лоциран веднаш до дискотеката. Николов сведочеше за реновирањето на „Пулс“ од неговата перспектива како сосед на објектот, како и за трагичната ноќ кога објектот беше зафатен од пожар.

Тој објасни дека сервисот го работи од 2009 година, а објектот на дискотеката бил изнајмен во летото 2012 година, кога започнало неговото реновирање.

- Они дојдоа го изнајмија објектот 2012, летниот период, тогаш почнаа да си спремаат, да си работат внатре што треба, рече Николов, додавајќи дека претходно таму имало конфекција и магацин за ташни.

Се сеќава дека реновирањето траело долго време, со многу мајстори – гипсери, електричари – и дека првото отворање било во декември истата година.

Николов сведочеше дека бил гостин во дискотеката и забележал како изгледа внатрешноста.

- Сè уште стојат прозорите од надвор, но внатре тие се затворени и не се гледаат. На западната страна, каде што беше прозорот кон мојот дуќан, тој беше и соѕидан, изјави тој.


Опиша дека имало една алуминиумска и една каубојска врата, а билетарницата се наоѓала десно од главниот влез и била поврзана со главниот дел на дискотеката.

За кобната вечер, Николов раскажа дека отишол со своите другари во дискотеката, а таму претходно бил и неговиот син.

- Влегов во дискотеката некаде пред 2 часот… Нарачав две виски и две води, веднаш му платив на шанкерот и застанав со моите другари позади, рече тој.

По што, според неговото сведочење, синот му кажал дека сакал да го запознае со девојката, а другарот го повикал надвор на цигара и се нашле надвор.

- Детето веќе беше излезено со девојката и неколку негови другари кои излегоа на воздух, а јас бев од другата страна под билетарницата, спроти нив, тука бев и запаливме со другарот цигара. Во тоа време доаѓа полицијата, тој другарот вели јас ќе влезам, ти остани со твоите деца, за да немаат проблеми бидејќи беа малолетни. Тогаш јас застанав кај друштвото на мојот син, рече тој.

Неколку минути подоцна, сведочи, едно другарче на мојот син видно вознемирено ми покажало снимка и ми рече: „Чичко Дени, дискотеката се запали.“

- Мојот син тргна да види за што се работи, јас го фатив за рака и му реков почекај сине, бидејќи видов дека излегува дим и се слушаат чудни звуци, тогаш сфатив дека е нешто сериозно. Тогаш забележав дека снема струја и тогаш настанаа големи викотници, страшно беше. Потоа сведочеше дека го земал најблиското црево и почнал да прска кон вентилаторот.


- Потоа ги скршивме прозорците од женскиот тоалет однадвор од каде што се слушаа звуци. На самите решетки се фатија девојчиња, пискаа, јас пробав да ги смирувам и тогаш одлучив да ги прскам со вода. Децата ми велеа „чичко прскај повеќе вода, поубаво дишеме, сведочеше Николов.

Николов нагласи дека пожарникарите пристигнале брзо и му помогнале да продолжи со спасувањето.

- Пожарната дојде брзо, кај мене дојде еден пожарникар кој ме познава… ми кажа дека направиле коридор, ги вадат од таму, ти продолжи да прскаш, рече тој.

Откако завршил со прскањето, како што рече, се повлекол со неговиот син и другарот на неговиот син во неговиот сервис во непосредна близина да се соземат, по што решиле да си одат дома.

- Потоа откако помина како цела вечност ми се виде, ги внесов децата во работилницата, направив раствор од сода бикарбона и шеќер, бидејќи видно беа потресени децата, а и јас исто, секојдневно го гледам тој филм. Имав перцепција дека има повредени, а нема жртви. Некаде накај 5:30 ја отворам мојата капија, ги пуштив децата да поминат, веќе заврши, во меѓувреме ја исклучив мојата струја не дај боже нешто да не се случи. Тогаш син ми ми кажа, само што излеговме, син ми вели „тато изгледа има жртви, има тела“. Го фатив само за рака и продолживме напред, видов три тела до оградата, не гледав ништо само сакав да ги однесам децата дома, сведочеше Николов.


Сведокот Дејан Николов опиша дека утрото по пожарот бил повикан од полицијата да го отвори својот сервис за да можат службите да се измијат, а таму, како што рече, затекнал „страшна“ сцена. За вечерта на трагедијата рече дека дискотеката била преполна со гости, со голема посетеност и дека луѓето тешко се разминувале меѓу себе. Николов потврди дека разговарал со сопственикот Дејан Јованов за задната врата, зошто ја заклучувал, а тој, како што рече, му одговорил дека е за да не влегуваат луѓе без карта. Тој додаде дека паркингот бил целосно исполнет, со автомобили по сите улички околу дискотеката. На прашање дали видел ознака за евакуација во дискотеката, сведокот рече дека таа вечер не забележал таква, но претходно мисли дека имало знак веднаш по каубојската врата, иако, како што рече, не е сигурен дали светел.

Сведокот Дејан Николов на вкрстени прашања од одбраната даде повеќе појаснувања околу реновирањето и функционирањето на дискотеката „Пулс“. На прашање од бранителката на првообвинетиот Дејан Јованов, тој рече дека не се сеќава дали влезната врата ја сменил Јованов или сопственикот Гроздан. Одбраната на Гроздан Милковски го праша дали може да заклучи дека Милковски не учествувал во реновирањето, на што сведокот одговори позитивно. На прашање од бранителот на петтообвинетиот, Николов изјави дека не забележал друго стручно лице да му помага во реконструкциите. На прашање од бранителот на шестообвинетиот Тодор Јованов, сведокот потврди дека билетарот немал друг контакт со гостите освен на билетарницата. Дел од одбраната постави уште повеќе прашања во врска со реновирањето на објектот, но сведокот остана на ставот дека неговите сознанија се ограничени на она што го видел како сосед и гостин.


Во судницата во Идризово при Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжува судењето за трагедијата во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

Сите обвинети на почетокот од судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни за трагедијата,

Повеќемина обвинети, преку своите адвокати, ја оспорија основаноста на обвинението. Нивните одбрани тврдат дека обвинетите не презеле дејствија што би можеле да доведат до пожарот, дека поседувале валидна документација и дека трагедијата е резултат на институционални пропусти, а не на индивидуална вина. Одбраната најави изведување докази и сведоци што, според нив, ќе ја потврдат оваа теза.

Претходно, во воведното излагање, обвинителот Борче Јанев истакна дека судењето е чекор кон утврдување на лична и институционална одговорност, нагласувајќи дека општеството мора да се соочи со вистината – кој дозволил, кој молчел и кој не спречил да се случи трагедијата во „Пулс“. Тој порача дека не е важно само кој го запалил огнот, туку и кој имал можност да го спречи, посочувајќи дека трагедијата не е резултат само на пиротехниката, туку на долгогодишни системски пропусти, институционален молк и недостиг на контрола што ја претвориле дискотеката во „смртоносна стапица“. Јанев нагласи дека се бара правда, не како одмазда, туку како последица на незаконитост и занемарена должност.

На 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.