Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, на денешната седница посветена на пратенички прашања го праша министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа, за кратењето на буџетските средства за заштита на животната средина и за тоа како Владата планира да се справи со аерозагадувањето кога од година на година ги намалува средствата за оваа намена.
„Во ребалансот на буџетот за 2025 година – заштитата на животната средина како функција на државата има евидентно намалување на буџетските средства за 13,4 % во износ од 868 милиони денари помалку сведувајќи се од 6,4 милијарди на речиси 5,6 милијарди денари за фискалната година. Најголемата промена е во ставката – намалување на загадувањето, каде што првично планираните 3,2 милијарди денари се сведуваат на 2,6 милијарди денари, што претставува приближно 19 % намален буџет, а во однос на претходната година планирано е тој да се намали за 48,2 %, тоа е речиси 50 %“, рече Лукаревска.
Таа нагласи дека е несвојствено да се кратат средства за области кои се рак рана на општеството и изрази загриженост за тоа како ќе се справиме со загадувањето, кој ќе биде третманот за отпадни води, како ќе ја заштитиме природата, каков квалитет на воздухот ќе имаме, како ќе се зајакне надзорната функција на Државниот инспекторат за труд и како ќе се унапредува животната средина.
„Моето прашање е кои конкретни мерки ги преземате како Влада, односно како ресорно министерство во борбата против аерозагадувањето имајќи го предвид фактот дека од година на година со секој буџет и ребаланс на буџетот ги намалувате средствата за справување со овој огромен проблем ?“, праша Лукаревска.
Лукаревска постави прашање и до министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, за неисполнувањето на обврските од реформската агенда, односно обврските за три реформи, кои се однесуваат на подобрување на деловната клима за малите и средните претпријатија.










